(ВИДЕО) Голема трагедија во Кочани, најмалку 59 луѓе загинаа во пожар во дискотеката „Пулс“
Во моментот на несреќата во дискотеката имало 1.500 луѓе. Пожарот настанал од пиротехнички средства за време на настапот на групата ДНК

Најмалку 59 жртви има во големиот пожар што избувнал ноќеска во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на настап на популарната македонска група ДНК, на кој присуствувале 1.500 посетители. Глетката на местото на несреќата била стравична – на сите страни изгорени тела на млади луѓе.
До пожарот најверојатно дошло поради употреба на пиротехнички средства. Во болницата во Кочани се примени десетици повредени лица.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е во Кочани, како и премиерот Христијан Мицкоски.
Наскоро се очекуваат првите официјални информации од местото на несреќата.
Полицијата ги приведуваше сите кои на каков било начин се поврзани со организацијата на концертот во дискотеката во Кочани. Министерството за внатрешни работи (МВР) активно работи на утврдување на причините за трагедијата, а во тек е испрашување на сведоци и одговорни лица. Надлежните служби работат на утврдување на причините за катастрофата. Сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен.
Повредените се однесени во кочанската, штипската болница, а дел се префрлени и во Скопје. Луѓето се во паника и не знаат каде да бараат информации за своите најблиски.