Тошковски потврди дека поранешен премиер е под истрага

Поранешен премиер и прв вицепремиер се дел од истрагата околу аферата со криминал во Лотарија на Македонија


 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди на прес-конференција дека поранешен премиер и прв вицепремиер се дел од истрагата околу аферата со криминалот во Лотарија на Македонија.

Според неофицијалните медиумски извештаи, освен Артан Груби дел од истрагата е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски, но Тошковски не ги изнесе имињата. Според информациите, се проверува неговото работење и влијание во случајот.

Полициски екипи утринава вршат претреси на повеќе локации поради сомнеж за сторен организиран криминал во Лотарија. Претрес е извршен и во домот на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, но како што е познато тој не е пронајден. Тошковски денес соопшти дека тој не е достапен и го повика ако е „чист како солза“, да се врати во земјата и да дозволи на институциите да ја истражат аферата. Тој му гарантираше и правда и лична безбедност и порача дека би сакал да верува дека е невин како што изјавува.

Недостапен е и екс-директорот на Лотарија, Прпарим Бајрами за кој постои сомнеж дека пред неколку месеци избегал во Косово.

При извршените претреси, неофицијално пронајдена е поголема сума на пари, а Тошковски потврди дека се најдени 40.000 евра кај еден од обвинетите, а 20.000 евра кај друг.