Тошковски: Новата систематизација во МВР ќе ја намали раководната структура за над 30 проценти
Новата систематизација во МВР драматично ја редуцира раководната структура и ја заснова на професионални, а не етнички критериуми – истакна денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на почетокот на кампањата на ОБСЕ за подигнување на јавната свест за ризиците од злоупотребата на мало и лесно оружје, при што одговараше на новинарски прашања поврзани, меѓу другото, и со најавената нова систематизација во Министерството за внатрешни работи и случаите на злоупотреба на боледувања.
Тошковски истакна дека новата систематизација произлегува од усвоените закони за внатрешни работи и за полиција, кои налагаат реорганизација во согласност со новите законски правила.
– Клучната измена е значително намалување на бројот на раководни позиции, началници, заменици, помошници. Првичните процени се дека раководната структура се намалува за над 30 проценти, мислам дека точната бројка е 37-38 отсто. Повеќе нема да имаме функции само за да постојат, туку конкретни позиции со јасни одговорности и стандарди – истакна министерот.
Тој нагласи дека систематизацијата, како и законите и подзаконските акти, немаат етнички предзнак и дека сите што ги исполнуваат критериумите образование, искуство, постигнувања и професионални способности, ќе може да конкурираат за раководните места.
– Лично познавам голем број професионалци Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, секако и Македонци, кои може да бидат дел од идната раководна структура. Убеден сум дека ќе има претставници ос сите заедници, кои ги исполнуваат професионалните стандарди, додаде Тошковски.
Во однос на боледувањата во МВР, Тошковски рече дека процентот на боледувања во полицијата е фрапантен и дека истрагата продолжува. По негово барање, внатрешната контрола во МВР отворила истрага, а во процесот е вклучен и ФЗО. Според министерот, одговорноста за издавањето боледување не е кај полицискиот службеник, туку кај докторот што го издал ако немало основа.
– Во текот на вчерашниот ден од страна на медиумите и јас бев запознаен дека Фондот констатирал конкретни пропусти кај лекарите. И тоа не кај еден, туку кај повеќе. По случаен избор биле избрани одреден број случаи, каде што во согласност со она што го видов, секој четврти или секој петти од контролираните има индиции дека го злоупотребувал боледувањето.Значи, тоа е катастрофа и како процент – истакна Тошковски.
Тој додаде дека истрагата на внатрешна контрола е во тек и ќе биде целосно завршена.