Тошковски има работа за завршување, не очекува смена
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска ги коментираше гласините за негова можна смена или префрлање на друга позиција во рамки на претстојната реконструкција на Владата.На прашањето за неговиот став околу можноста да го напушти МВР, Тошковски кратко одговори дека треба да работи на започнатите обврски.
„Почнав премногу темелни проекти во изминатата година кои ќе треба да ги завршам во наредната година“, изјави Тошковски.
Оваа изјава доаѓа во период кога се интензивираат шпекулациите во јавноста околу можни промени во владиниот кабинет. Премиерот Христијан Мицкоски и денеска, како и вчера во интервју за „360 степени“, рече дека засега нема да има реконструкција на Владата. Според него, следната година на пролет може да има освежување во рамките на владата.
„Да, а после конгресот, после сите оние преструктуирања во рамките на партијата, напролет некаде очекувам да имаме и освежување во рамките на владата, прегрупирања, догрупирања, доекипирања, проширувања, стеснувања и во рамките на државните институции. Така што отприлика ова е тој гантограм на активности коишто во следниот период како претседател на Владата и доколку ја добијам довербата на делегатите на конгресот, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, нè очекува формирање на овој тим којшто потоа треба да го понесе и изнесе товарот до следните парламентарни избори“, одговори Мицкоски.