Тошковски и Дачиќ: Има решение за метежот на граничниот премин во летната сезона


 Решение за метежот на граничниот премин има, изјавија денеска министрите за внатрешни работи на С Македонија Панче Тошковски и на Србија Ивица Дачиќ по нивната и средбата на оперативните тимови во секторот за внатрешни работи Куманово. Системот „Оне стоп“ ќе почне суштински да функционира до почетокот на наредната летна сезона. Досега се потпишани повеќе согласности, но потребно е да се поедностави процедурата.

-Господинот Дачиќ има огромно искуство во рамки на неговата политичка кариера и јас како и секогаш ќе бидам малку брутално искрен. Кај нас е кабаетот, како и за сè друго. Како што е кај нас кабаетот за тоа што не го воспоставиле „Оне стоп“ системот со Република Албанија, со Косово и со Република Србија кабаетот е во Македонија заради тоа што и во овој случај имаме потпишано договор во 2019, Србија е подготвена во целост и со техничко решение и со се, а ние сме си спиеле како што во изминативе години е добро познато како факт за преземање на дејствија од страна на македонската страна. Но, тоа веќе заврши. Имаме енергија, имаме знаење, имаме поддршка и од нашите меѓународни пријатели и од нашите соседи и повеќе пати имам кажано до почетокот на наредната летната сезона ќе го воспоставиме навистина ванстоп шоп системот и со Албанија, и со Косово и со Србија, рече министерот Тошковски.

Целта е да се намали метежот на граничниот премин, вели вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

-Ние веќе имаме потпишани некои согласности, но треба да се поедностави процедурата. Тоа да биде еден преглед. Треба едноставно технички да се реши тој проблем и што повеќе да се поедностави постапката. Јас пред малку на мојот пријател му реков и заедно сме се жалеле еден на друг, дека не чека слична ситуација генерално со ЕУ затоа што од 10 ноември се во сила нивните посебни правила за влез во ЕУ за граѓаните од земјите кои не се членки на ЕУ и на секој влез ќе морате да давате отисоци на четири прсти и фотографија за да влезете во тој систем. Тоа значи, дека сите нивни премини мора да бидат технички оспособени за да ја имаат можноста тоа брзо го апсорбираат бидејќи тоа ќе бидат стотина, илјада па и милиони луѓе кога ќе тргнат, тогаш е прашање. Тие велат дали може по пат на некои апликации, па не може по пат на апликација, бараат прсти, сигурно до толку знаат законодавство дека тоа не може така. Така што ни самата Европска унија понекогаш не знае што бара од нас, но она што се однесува за нас двајцата за овој наш премин еве и едните и другите го дадовме тој налог, бидејќи ние веќе се потпишавме повеќепати, но ајде сега навистина да се направи. Не дека баш ќе нема гужва, но барем да се чека помалку, рече Дачиќ.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ денеска разговараа за продлабочување на соработката, намалување на метежот на граничните премини, справување со миграцијата, заеднички патроли и меѓусебна поддршка. Двајцата оценија дека средбата помеѓу тимовите е успешна, како и соработката помеѓу двете министерства. Разговарале и за други теми како што борба против тероризмот и криминалот, борбата против мигрантите, трговија на луѓе, шверц со дрога и наркотици, борбата против општиот криминал, како и за брза размена на информации во борбата против тероризам. Претходно двајцата министри се сретнаа во Белград и на ГП Табановце-Прешево.