Тошковски: Расветливме седум убиства, меѓу кои и тоа во „Шиша бар“
„Секој што сторил криминал ќе одговара, без разлика дали бил премиер, вицепремиер, криминалец или нешто друго“, порача министерот Тошковски
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска информираше дека Одделот за сузбивање на организиран криминал и специјалната полиција по повеќемесечно истражување, спровеле акција во која е сузбиена 18-члена криминална група, составена од лица од Скопје кои подолг временски период биле инволвирани во вршење на кривични дела од областа на насилен криминал и трговија со оружје. Според министерот, со акцијата се расветлени дури седум убиства, од кои како што нагласи само едно се случило во неговиот мандат.
-Најмалку седум убиства се расветлени во оваа постапка. Колку што сум запознаен, мислам дека само едно е сторено откога јас сум министер за внатрешни работи, а сите останати се сторени во претходниот период. Прашањето е што правеа тие пред нас? Што работеа? Работеа во интерес на македонските граѓани или за туѓи интереси? Како ние покажавме дека за неколку месеци можеме да сработиме акција со која ќе разрешиме седум убиства, што тие не ги разрешиле седум, осум и повеќе години. Дел од нив не ги разрешиле година, две, три – потенцираше Тошковски, на прес-конференцијата на која изнесе детали за истрагата за криминалната група „Беланоца-Барон“.
Во рацијата се извршени претреси кај 26 лица на вкупно 30 локации, од кои 28 на подрачје на Скопје и две на подрачје на Велес. Досега е пронајдено огнено оружје, друга опрема, панцири и над 30 милиони денари во различни апоени кај осомничените. Одземени се и пет оклопни возила, накит, мобилни телефони, часовници, ресивери…
„Поднесена е кривична пријава против 18 лица од Скопје за убиство и обид за убиство кои се извршени во последните години, меѓу кои и убиството во ‘Шиша бар’ кое предизвика голема вознемиреност кај македонската јавност. Има и кривична пријава за изнуда и злосторничко здружување. Дел од пријавените во 2020 година создала група која имала за цел вршење на кривични дела убиства. Подготвувале планови и носеле одлуки за тоа кои, кога, каде и на каков начин ќе биде лишен од живот, а одлуките ги спроведувале лично или преку припадници на криминалната група кои ги прифаќале и спроведувале. Договорите биле пренесувани во непосредни контакти или преку телефон“, кажа Тошковски на прес-конференција.
Споменатото двојно убиство се случи на 6 март 2023 година, а напаѓачите влегле во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија и биле облечени во црна облека налик на униформа по што повикале дека станува збор за полициска рација. Кога ги нашле „таргетите” почнале да пукаат во нив и избегале. На лице место се убиени Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени. Некои од обвинетите се избегани, четири се во притвор, а некои веќе одржуваат затворски казни.
Според Тошковски, во текот на 2020 година дел од пријавените ја создале групата која имала за цел вршење на убиства. Одлуките ги спроведувале лично или преку припадници на криминалната група, кои ги прифаќале и спроведувале. Групата била организирана и секое од лицата имало задачи. Во 2023 година од осмоничените лица, или вкупно тројца формирале и група за изнуда, кои на насилен начин, со сериозни закани изнудувале пари од менаџери, сопственици, а дел од криминалната група била задолжена и за опожарување на објекти и автомобили. Секој од нив имал задачи во делот на планирање, упатување на закани, како и на земање на пари, за наводно обезбедување на објекти, меѓу кои и на спортски обложувалници. Оваа криминална група опожарила пет спортски обложувалници и една сендвичара. Групата исто така се поврзува и со опожарување на возилата на вработени на затворската полиција.
Иако акцијата на МВР требаше да се спроведе утре, некој им дал информации на криминалнмите банди, па синоќа започнаа претресите и апсењата. За тоа кој ја пробил акцијата, Тошковски вели има нечесни полицајци кои соработуваат со криминалците. Убиствата се вршеле за пари или како дел од мафијашки пресметки и за нив плаќале од 10.000 до 250.000 евра за секое убиство, лишувајќи од живот осум лица, три лица биле тешко повредени, а на три лица животот им бил во опасност. Претресите продолжуваат и натаму и досега се запленети околу 500.000 евра и оружје.
Тошкоски соопшти исто така дека по другата полициска акција МВР поднела кривична пријава против четири лица за терористичка организација. Првиот создал терористичко-злосторничка организација во која членуваат другите пријавени и уште неколку засега непознати лица, со основи на идеолошката матрица на ИСИС со намера на изведување на терористички акт на цивилни или меки цели, односно јавни објекти на територија на Македонија. За оставрување на таа намера првопријавениот формирал повеќе групи на Телеграм во која спроведувал претходно набавен и преведен материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, пробал да набави оружје и експлозивни направи кои планирале да ги користат за вршење на терористички напади. По извршен претрес пронајдени одземени се пиштол два лаптопа, два телефони доставени до ОЈО.
По извршената анализа на доказите било утврдено дека истиот формира и координира активности како војник на ИСИС за медиумска промоција и заштита на терористичката организација со намена на албанско говорно подрачје. На 15-ти извршен е претрес во дом и други простории и кај останатите приведени, каде се пронајдени и одземени разни материјали, хартии со натписи на арапски и албански јазик, прстен со амблем на ИСИС итн. Одредена е мерка притвор во траење од 30 дена.
„Не знам како не сфаќаат. Секој што сторил криминал ќе одговара, без разлика дали бил премиер, вицепремиер, криминалец или нешто друго. Ќе покажеме дека криминалот и насилството се неисплатливи во Македонија, како финансискиот, така и уличниот и насилниот криминал“, порача Тошковски.