„Тој е еден од најбогатите Бугари“: Орце Камчев станува камен околу вратот за Екатерина Захариева
Назначувањето на Орце Камчев за почесен конзул на Бугарија во Македонија од Захариева се враќа како дух излезен од шишето. особено поради тоа што македонскиот бизнисмен беше ставен на црната листа на САД поради „значителна корупција“
Може ли назначувањето на Орце Камчев за почесен конзул на Бугарија во Македонија да ја урне кандидатурата за европски комесар на Екатерина Захариева. Според бугарската редакција на „Еурактив“ може да се случи таков епилог.
„Еурактив“ објавува подолг текст за проблемите при именувањето на Камчев (кое потоа не беше прифатено од македонските власти) со детали од изјавите на Захариева и контроверзноста на македонскиот бизнисмен и американските санкции кон него. Захариева во тоа време го нарекува Камчев (кој има и бугарско државјанство) како „еден од најбогатите Бугари“.
Еве дел од текстот на „Еурактив“:
„Екатерина Захариева, бугарски кандидат за еврокомесар, одби да одговори на прашањата на ‘Еурактив’, кои се очекува да бидат ставени на расправа пред Европскиот парламент и може да ја саботираат нејзината кандидатура за Европската комисија.
Досега, многу меѓународни медиуми фрлаа сенка на сомнеж врз шансите на Захариева да ја добие поддршката од европратениците поради одлуките на бугарската држава додека беше министер за правда, а потоа и министер за надворешни работи.
Додека Захариева е министер за правда, Бугарија има сериозен проблем со корупцијата при доделувањето на бугарско државјанство, а отворен е и корупциски случај против првиот човек на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев.
Во 2020 година, владата на Бојко Борисов ја блокираше европската интеграција на Северна Македонија поради партиските интереси на неговиот партнер од ВМРО, додека Захариева е министер за надворешни работи.
Поголем проблем за Захариева е што таа во 2019 година лично го предложи бизнисменот со бугарски пасош Јордан (Орце) Камчев за почесен конзул на Бугарија во Македонија.
Тој беше осуден за вмешаност во шема за перење пари поврзана со нелегално купување земјиште, а на црната листа за корупција во САД е од 2023 година.
Во четврток, 19 септември, ‘Еурактив’ на Захариева и постави неколку прашања кои најверојатно ќе и ги постават европратениците на расправата во октомври, а на кои таа сѐ уште не одговорила.
Едно од овие прашања е кои беа заслугите на Орце Камчев за да биде предложен за почесен конзул и со тоа да добие имунитет од кривично гонење. Тој тогаш ги контролираше медиумите кои водеа активна антибугарска кампања во корист на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Захариева беше прашана дали таа или нејзините роднини имаат бизнис со фирми поврзани со Орце Камчев.
Во 2021 година во Северна Македонија имаше јавни наводи за 8 милиони евра дадени за чадор над Орце Камчев. Македонскиот новинар Васко Ефтов го вмеша името на сопругот на поранешната министерка – Ангел Захариев.
Тогашниот пратеник на БСП, Петар Витанов, кој подоцна стана лидер на групата БСП во Европскиот парламент, постави прашања за причините за назначувањето на Камчев.
Уште тогаш, Витанов потсетува дека Камчев бил сопственик на големиот медиумски холдинг МПМ, кој издава низа весници: ‘Утрински весник’, ‘Вест’, ‘Дневник’, кои се одликуваат со нивната анти- бугарска реторика. На почетокот на 2018 година холдингот отиде во стечај, поради што 400 новинари останаа без работа.
‘Свесни сме за контроверзните текстови за господинот Камчев и ве уверувам дека доколку дојде до некаква постапка од негова страна – за кршење на духот и словото на Договорот за добрососедство или на Виенската конвенција за конзуларни односи, јас лично ќе бидам првата што ќе преземе акција’, одговори тогаш Захариева.
Таа објаснува и дека круговите со најантибугарска позиција се обединиле против кандидатурата на Орце Камчев во Северна Македонија, но уверува дека Камчев ги поминал сите проверки на бугарските власти и сѐ било во ред. Таа објаснува дека Фондацијата Камчев ја финансирала турнејата на театарот ‘Бугарска армија’ во шест македонски градови со продукцијата ‘Железниот светилник’ на писателот Димитар Талев.
‘Тој е познат во Бугарија и Македонија, еден од најбогатите Бугари, голем работодавач. Тој е претседател на фондацијата ‘Илија Камчев’, која е покровител на различни културни настани’, вели Захариева.
Петар Витанов во својство на пратеник е единствениот кој од говорницата на Народното собрание во 2018 година го постави прашањето зошто бугарската влада на Бојко Борисов го предложи Орце Камчев..
Тогаш Захариева одговори дека ‘ќе работи на подобрување на основните економски, културни и други врски меѓу двете земји’.
Запрашан во средата како се чувствува за темата Захариева и Орце Камчев, бидејќи вториот е под американски санкции за корупција, а првиот е кандидат за комесар, тој рече:
‘Во погрешната политика на ГЕРБ кон Северна Македонија, која е основата на проблемите што ги имаме со оваа земја сега, Захариева е само елемент, инструмент на оваа политика. На сите им е јасно дека не Захариева, туку Бојко Борисов сакаше да го направи Орце Камчев конзул на Бугарија’.
Четири години по тоа сослушување на Захариева, во јуни 2023 година, САД воведоа санкции за Орце Камчев според глобалниот закон Магнитски за корупција.
Предлогот на Захариева за почесен конзул Американците ги ставија во кругот на луѓе кои ‘ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување’.
‘Господинот Камчев ја злоупотреби својата положба вклучувајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија’, рече потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии Брајан Е. Нелсон“, стои, меѓу другото, во текстот на „Еурактив“.