„Тоа не функционира така“: Амбасадорот Гир за желбата да се пренаменат европските пари за железницата
Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека е едноставно да се каже, но дека е речиси невозможно да се спроведе пренамената на европските пари од изградбата на железницата кон Бугарија на пругата од Коридорот 10 (кон Грција).
Во интервју за „Слободен печат“ Гир вели: „Не може едноставно да се пренаменат парите од Коридорот 8 на Коридорот 10, нашиот (европскиот) систем не функционира така. Дискутиравме со министерот за транспорт, со премиерот и со други и мислам дека во наредните недели, месеци, ќе најдеме заеднички јазик за најдобриот начин како да се продолжи. Значи, не може едноставно да се пренаменат парите од нешто за кое е веќе постигнат некаков напредок на нешто што сѐ уште се развива“.
Тој објаснува дека двата коридори во европската патна и железничка мрежа се важни.
„Во случајот со Коридорот 8, планот е тој во делот од Скопје до Бугарија да заврши до 2030, а секцијата од Скопје низ Албанија да биде завршена до 2040 година. Сосема е разбирливо што премиерот ги разгледува инвестициите и поставува прашања. Имавме добра, опширна дискусија со Владата и за Коридорот 8 и за Коридорот 10. Коридорот 8 во однос на проектите е многу повеќе напреднат. Проектот за ппругата од Скопје до бугарската граница има три секции и првата е речиси завршена, на втората секција се работи, а за третата треба тендер. Ќе ги продолжиме дискусиите, бидејќи ова е многу важно прашање. Исто така, се согласивме и дека Коридорот 10 е важен. Ние веќе инвестиравме во помош за подобрување на железницата на Коридорот 10 и минатата недела Комисијата утврди поголем фонд за тоа. Но, ќе треба повеќе време бидејќи не е добро подготвен“.
Гир вели дека неговото најголемо разочарување во четирите години дипломатска служба во Скопје биле измените на Кривичниот законик.
„Мислам дека најголемото разочарување ми беше околу Кривичниот законик. Мислам дека луѓето беа многу разочарани и се јави чувството дека работите нема да се движат во вистински правец во однос на неказнивоста“, вели тој.
Гир си заминува наскоро од Македонија. Него ќе го замени грчкиот дипломат Михалис Рокас.