„Тоа е занаетот. Нема лажење. Гледај ги, сакај ги луѓето“: Комеморација за актерката Снежана Стамеска
Достоинствена комеморација се одржа денес во Драмски театар, во чест на првенката и една од ведетите на македонското глумиште, Снежана Стамеска која почина на 8 септември, на 79 години. Актерката која повеќе од три децении глумеше во едни од најзначајните претстави, телевизиски и филмски улоги, кај нас и во регионот, денес, во преполната сала на матичниот театар Драмски беше испратена со долготраен, неколкуминутен аплауз од најблиските-семејството, пријателите, колегите и медиумите кои стоеја во достоинствен молк.
„На прашањето -што го прави еден актер, вистински актер? – Снежана Стамеска ќе одговори:
Тоа што го прави човек: да се оправдаш себе пред себе, а после и пред другите, своите желби, мисли, постапки. Само така ќе излезеш пред сите оние кои различно мислат и сите ќе ги лапнеш. Тоа е занаетот. Нема лажење. Гледај ги, сакај ги луѓето. Има многу чудни приказни на лицата. Сочувај ги во некоја фиока, еден ден ќе ти се најдат.
А ти наша Снешке ќе останеш длабоко во нашата меморија…, рече денес на сцената, директорот на Драмски, Роберт Велјановски.
Стамеска дипломирала на Театарската академија во Белград во 1970. Од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010 Стамеска беше член на ансамблот на Драмски театар Скопје.
Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи. Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги. Исклучителната популарност Стамеска ја стекна во 1980-тите и 1990-тите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во „Солунски патрдии“ (1979), Вера во „Диво месо“ (1979), Сина во телевизиската серија „Трст виа Скопје“ (1987), Вера во „Среќна Нова ’49“(1985), и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985).