„Тоа е фрустрација“: Филипче згрозен од обвинувањата на Мицкоски за „некрофилска политика“


 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, не е изненаден, туку е згрозен од изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за време на синоќешното интервју на Телма кога тој неколкупати обвинуваше за „некрофилска политика“ на опозицијата. Тоа го оквалификува како „фрустрација“.

„Ова не е ново, го говори подолг временски период. И таа реторика на навреди покажува само една работа, тоа е фрустрација од неуспешните обиди да вистината или некои блиски луѓе на ВМРО-ДПМНЕ се заштитат од истрагата“, рече Филипче.

Тој истакна дека таквото однесување е обид да се изманипулира дел од истрагата и одговорноста да се стави „под маса“, што, според Филипче, создава дополнителна сомнеж и недоверба.

„Сметам дека тоа е страв од демократските алатки за докажување на вистината во овој страшен случај, оваа навистина голема трагедија. И затоа побаравме и анкетна комисија, и надзорна комисија на расправа во Собранието. Во текот на вчерашниот ден во Собранието го доставивме и формално тоа барање, што значи дека ке ги искористиме сите демократски механизми да се истражи секој детал од ова трагедија“, додаде Филипче

Тој рече дека судењето за трагедијата во Кочани е тест за целото општество и затоа мора да се води транспарентно и дека родителите на жртвите заслужуваат да ја знаат вистината и правда мора да има.

„Ова им го додолжиме на родителите, ова им го додолжиме на сите граѓани, ова го должиме на целото општество. Ова е еден голем тест за зрелоста во нашето општество“, рече Филипче.

На прес-конференцијата Филипче посочи дека СДСМ ќе ги искористи  сите демократски механизми да се истражи секој детал од оваа трагедија, и тоа е причината поради која што пратеничката група на СДСМ побара Анкетна комисија во Собранието. „Нема да се откажеме од намерата да останеме цврсто во одбраната на јавниот интерес, ќе ги искористиме сите демократски алатки кои што ни се нудат, и како политичка партија, и преку Собранието, и преку расправите кои што ги побаравме за да вистината конечно излезе на виделина“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Ако ВМРО-ДПМНЕ сметале дека треба да има анкетни надзорни комисии за други трагедии, зошто не ги побарале до сега, зошто ги условуваат со тоа што ние сега го бараме за Кочани, нагласи Филипче, во одговoр на новинарско прашање на прес-конференцијата.

„Видовме како ВМРО-ДПМНЕ води една анкетна комисија, тоа беше таа за Онкологија. Никој не избега од анкетната комисија. Јас бев на анкетната комисија, иако тогаш немав никаква јавна функција. Но, се докажа дека ја искривувале вистината и дека криеја документи. Дали сакаат тоа повторно  да го направат?“, рече Филипче.