ТК „Прилеп“ нема против да биде купен од познат светски бренд


Прилепскиот тутунски комбинат ќе поддржи владина одлука за приватизација ако фати приклучок со светски познат бренд во оваа индустрија, изјави денеска директорот на комбинатот Кире Станкоски, одговарајќи на новинарско прашање за најавата на премиерот за приватизација на компанијата. Станкоски одговараше при денешниот почеток на откупот на тутунот во Комбинатот од оваа реколта.

Според Станкоски, изминатите години, од претходните влади, долговите спрема државата се претворени во траен влог и од 35,5 отсто, сопственоста на државата порасна на 82 проценти и таа стана доминантен сопственик.

– Ние ќе го почитуваме ставот на државата при евентуална продажба на Прилепскиот тутунски комбинат на познат светски бренд. Бидејќи, поради загубите во изминатите години, од 35,5 проценти, сопствноста на државата стигна до 82 проценти поради загубите од претходни влади беа претворени во траен влог. Сѐ што ќе реши Владата за приватизацијата на Комбинатот, а ќе значи фаќање приклучок со поголема светска компанија, ние тоа ќе го поддржиме, изјави Станкоски.

Како што објаснува Станкоски, доброто е што изминатите три години како раководство на комбинатот нема денар долг спрема државата.

-Покажуваме позитивни финансиски резултати, а зад нас стои нашиот стратегиски партнер „Филип Морис“ со кој договорот трае до 2024 година. Се надеваме дека ќе фатиме приклучок во некоја приватизација кога и да се случи, објаснува Станкоски.