ТикТок ќе отстрани некои клипови од фидот на тинејџерите
Во февруари годинава ТикТок објави дека работи на нови начини за ограничување на одредени видови содржини врз основа на возраста на корисникот и со тоа подобрување на безбедноста на тинејџерите, а сега се познати повеќе информации за системот за оценување.
Станува збор за систем наречен Content Levels, кој ќе биде имплементиран во следните неколку недели. Компанијата го спореди својот пристап со системите за оценување што се користат во филмската и гејминг индустријата и има за цел да филтрира клипови со теми наменети за „зрели корисници“, односно да ги отстрани од фидот на тинејџерите. Системот ќе се користи за клипови кои инаку не би ги прекршиле правилата на ТикТок, но може да бидат несоодветни за помладите корисници на апликацијата.
Благодарение на оваа промена, кога тинејџерите на возраст меѓу 13 и 17 години ќе наидат на видео кое содржи „зрели или комплексни“ теми, наместо тоа ќе видат предупредување дека видеото е ограничено според возраста.
„Кога ќе откриеме дека видеото содржи зрели и комплексни теми, како што се сцени кои може да бидат премногу страшни или интензивни за помладата публика, на тоа видео ќе му се додели одредена оцена за да ги спречи луѓето под 18 години да го гледаат“, се вели во објаснување од ТикТок.
Компанијата не откри детали за тоа како ќе го одредува рејтингот и кои критериуми ќе ги користи за да ги квалификува своите клипови. ТикТок истакна дека функцијата е сè уште во рана фаза и планира да додаде нови функции во иднина. Директорите на компанијата претходно изјавија дека сакаат да им овозможат на корисниците да го изберат типот на содржина што им одговара.
Во меѓувреме, апликацијата додава нов начин за филтрирање на несаканите теми од својата For You страница. Ажурирањето се очекува во наредните недели и ќе им овозможи на корисниците да блокираат одредени клучни зборови или хаштагови поврзани со содржината што не сакаат да ја гледаат во иднина.
ТикТок понуди ажурирање со задача да избегне потенцијално проблематични „шеми кои се повторуваат“ во препораките на For You. Веќе се тестираат начини да се спречат луѓето да бидат преоптоварени со многу содржини за потенцијално загрижувачки теми, како што се менталното здравје или нарушувањата во исхраната. Тестовите, наводно, биле успешни, така што корисниците во САД ќе имаат помала веројатност да видат повеќе клипови на овие теми одеднаш.
Исто така, ТикТок сега работи на тоа да ја направи оваа функција достапна за корисниците во повеќе земји.