Тетово го промовира селскиот туризам, но и Шарената џамија, црквата, Камениот мост…


Општина Тетово ја промовира стратегијата за развој на туризмот во наредните четири  години при што акцент става на развој на агротуризмот, односно на селскиот туризам во шарпланинските села.

Освен развој на агротуризмот со стратегијата внимание се обрнува и на поголема промоција на културно-историските споменици и знаменитости во градот како што се Шарена џамија, Камениот мост, црквата „Св. Кирил и Методиј“ и други објекти.

За ваков обемен план за развој општина Тетово, освен средства од својот буџет ќе бара помош и од државата, но и од странски инвеститори.

-Оваа стратегија за туризамот, подготвена од Општина Тетово, ќе ни биде нашиот патоказ за тоа што треба да направиме во следниот период за да се врати туризмот како основна гранка на локалниот економски развој. Еден од поважните елементи на оваа стратегија е промоција и развој на агротуризмот и туризмот по шарпланинските села кои се напуштаат и полека изумираат. Исто така преку оваа стратегија сакаме во наредниот период туризмот се врати како главна гранка на развојот на локалниот економски капацитет Општина Тетово. Ова планираме да го оствариме во соработка со државните агенции институции како и со разни меѓународни партнери кои имаат веќе доделени средства за развој на туризмот, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Во реализацијата на стратегијата покрај Општина Тетово, ќе бидат вклучени и невладините организации посебно еколошките и планинарските клубови од Општината.