Тесла: Очекуваме остар пад на интересот за електричните автомобили
Американскиот производител на електрични автомобили Тесла објави скок во приходите во 2023 година благодарение на намалените цени, предупредувајќи дека очекува побарувачката нагло да забави во 2024 година. Тесла ги намали цените неколку пати минатата година за да ја одржи побарувачката, што се одрази со скок на продажбата од 40 отсто и продадени 1,8 милиони автомобили.
Вкупниот приход скокна за 19 отсто на 96,8 милијарди долари, по растот на испораките. Нето-добивката порасна за истиот процент, достигнувајќи 15 милијарди долари. На крајот на годината приходите нагло забавија, со стапка на раст од само три отсто, а раководството предупреди дека очекува значително послаб раст во 2024 година.
Кинеската конкуренција ќе ги уништи повеќето други автомобилски компании во светот
Извршниот директор Елон Маск предупреди дека кинеската конкуренција „повеќе или помалку ќе ги уништи повеќето други автомобилски компании во светот“ доколку не се воспостават трговски бариери. Повикот на Маск за трговски бариери на сѐ поконкурентниот пазар уследи по извештајот кој покажа дека кинескиот BYD го надминал Тесла во продажба во четвртиот квартал.
Дополнителен проблем е падот на продажбата, по неколку добри години, забележува Би-би-си. Кинеските производители, исто така, ги намалија цените за да ја зголемат продажбата, а Европа забележа пад од речиси 17 проценти во декември во споредба со истиот месец во 2022 година, според здружението ACEA.