Тепани малолетници и сопруги, дрско крадење накит од постари жени


Фото: Б. Грданоски

Полицискиот билтен денеска обилува со тепачки во семејства, меѓу малолетници, како и со дрски кражби на накит, пари, чанти…

Имено, во неделата, во 11.30 часот во СВР Скопје, Ј.Ј.(46) од Скопје пријавил дека на 25.05.2024 околу 16 часот пред угостителски објект на подрачјето на Бит Пазар, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку малолетници, кои притоа употребиле и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против А.Ј.(48) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда при семејно насилство“. На 18.05.2024 во семејниот дом, пријавениот физички ја нападнал неговата сопруга.

Во недела, во 13 часот во СВР Скопје, 35-годишна жена од скопско село пријавила дека на 25.05.2024 околу 22.30 часот во семејниот дом била физички нападната од нејзиниот сопруг Љ.Т.(38). Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Истиот ден, половина час по полноќ, во СВР Скопје, Х.С.(36) од с.Ракотинци, скопско, пријавила дека на 25.05.2024 околу 22 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, по претходна расправија, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од неколку малолетнички. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Во 14.50 часот во СВР Скопје, С.К.М.(51) од Скопје пријавила дека околу 1 часот на подрачјето на Центар, две лица со закана одзеле пари и лични предмети од нејзиниот малолетен син. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Во 18.26 часот во СВР Скопје, Е.В.(71) од Скопје пријавила дека околу 18.10 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје едно лице со употреба на сила ѝ одзело накит. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска пак, во 00.30 часот во СВР Скопје, С.Ј.(56) од Скопје пријавил дека на 26.05.2024 околу 23 часот пред угостителски објект во Градски парк – Скопје бил физички нападнат од неколку лица, кои му одзеле чанта. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.