Напнато во Куманово: Жители на Оризари насилно влегле во ЕВН


(Фото:МИА)

 

Група на револтирани граѓани од Оризари насилно влегла во просториите на Корисничкиот енерго центар на ЕВН – Куманово (КЕЦ), по што вработените ги напуштиле работните места.

Од ЕВН соопштија дека вработените тоа го сториле од безбедносни причини и непостоење на услови за работа.

„Сѐ до создавање на нормални услови за работа, Корисничкиот енерго центар на ЕВН – Куманово нема да работи“, соопштија од ЕВН.

Дел од медиумите јавија дека во подружницата веќе е пристигната и полицијата.

Незадоволните жители на Оризари бараат да им се вклучи струја, откако вчера беа исклучени откако несовесни жители на Слупчане ги искршија трансформатори во селото и предизвикаа голема хаварија, поради што без струја беа шест села и ГП „Табановце“.

Инаку, утрово селата Слупчане и Оризари во општина Липково беа без напојување со електрична енергија. Од ЕВН сооптија дека сѐ додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција, нема да работат на санација на дефекти или да извршуваат редовни работни активности во овие села.

Вчера жителите на Слупчане го блокираа патот во селото и не им дозволија на екипите на ЕВН да работат на мрежата.

ЕВН до медиумите ги испрати и барањата на жителите на ова село во кое тие бараат да им се простат досегашни долгови кои, како што наведуваат од компанијата, изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3.000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање и слични други барања, кои додаваат од ЕВН, се спротивни на законските регулативи. Според податоците на компанијата загубите во Слупчане се 80 проценти а наплатата е 20 отсто.

Од Министерството за економија повикаа сите граѓани во државата редовно да си ги подмируваат обврските кои ги имаат кон енергетските компании. Од таму посочуваат дека секој граѓанин кој се снабдува со електрична енергија во државата има обврска да плати за електрична енергија толку колку што потрошил.

„Повикуваме дека секој граѓанин треба да плати за тоа што го потрошил бидејќи така функционира пазарната економија. Ги повикуваме сите надлежни институции да постапат согласно нивните надлежности и да се реши проблемот со снабдување со електрична енергија во Слупчане и околните села и да се овозможи работа на екипите на ЕВН Македонија“, посочија од Министерството за економија.