Температурата во Русија расте два и пол пати побрзо од светскиот просек

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека просечната годишна температура на воздухот во Русија расте два и пол пати побрзо отколку во светот.
Тој на самитот на Г-20, на кој учествуваше преку видео врска, рече дека температурата на воздухот во Русија во последните десет години се зголемила за повеќе од половина степен, пренесе ТАСС.
Путин рече дека прашањето за климатските промени е од големо значење, нагласувајќи дека Русија ги чувствува последиците од глобалното затоплување.
„Се соочуваме и со дезертизација и со ерозија на почвата. Посебно сме загрижени поради топењето на вечниот мраз, кој сочинува значителен дел од нашата територија“, рече рускиот лидер.
Тој потсети дека Русија активно учествува во меѓународните напори за зачувување на климата.
Конкретно, земјата ги почитува сите свои обврски од Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и Парискиот договор и постојано ја следи политиката на намалување на емисиите на стакленички гасови, преземајќи чекори за подигање на енергетската ефикасност на нејзината економија и намалување на емисиите од екстракција на нафта, рече Путин.