Блинкен разговарал со Радев за блокадата на Македонија


Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска телефонски разговарал со бугарскиот претседател Румен Радев за неколку теми, меѓу кои и за европските перспективи на Македонија и Албанија и за бугарската блокада. Според соопштението од кабинетот на Радев „Ентони Блинкен изрази очекувања за забрзување на процесот на евроинтеграција за нашиот југозападен сосед. Заеднички став беше дека ова е во интерес на стабилноста и безбедноста не само во регионот, туку и во Европа“. Радев повторил дека Република Северна Македонија ја има постојаната поддршка на Софија „и повика на одржливи и неповратни резултати во градењето добрососедски односи, како и за строго почитување на критериумите за членство во Копенхаген, што ќе го забрза процесот на усвојување на рамката за преговори на ЕУ за нашиот југозападен сосед“.

Во соопштението на Стејт департментот не се наведуваат толку детали. Во него се вели дека „секретарот Блинкен и претседателот Радев ја истакнаа важноста на трансатлантскиот сојуз, стратешкото партнерство САД-Бугарија и соработката под раководство на Бугарија на Иницијативата три мориња. Секретарот и претседателот разговараа и за заедничките интереси во врска со владеењето на правото, Западен Балкан и диверзификацијата на енергијата“.

Во телефонскиот разговор една од важните теми била и санкциите на САД против бугарски лица и компании поврзани со корупција. Според бугарското соопштение претседателот Радев ги опишал санкциите воведени според глобалниот закон „Магницки“ како „силен знак за поддршка на аспирациите на бугарските граѓани за унапредување на демократијата, правдата и транспарентноста“. Блинкен му одговорил дека тоа бил „придонес на Соединетите Држави во борбата против корупцијата, како и во зајакнувањето на демократијата и унапредувањето на потенцијалот на бугарската економија“.