(Во живо) Телата на починатите веднаш ќе бидат упатени кон нивните домови


Фото: Б. Грданоски

Поради лошите временски услови на софискиот аеродром и силниот ветер, сѐ уште не полетале двата воени авиона со посмртните останки на 45-те загинати македонски државјани, јави дописникот на МИА од Софија.

Се очекува авионите да полетаат најрано за 30 минути, но тоа ќе зависи од метеоролошката ситуација, изјави за МИА во Софија дипломатски извор кој сакаше да остане анонимен.

Инаку, Министерството за надворешни работи соопшти дека поворка со телата на починатите нема да се организира, а тие по стигнувањето на аеродромот, ќе бидат упатени кон вечните почивалишта.

– Пречекот и испраќањето на загинатите од автобуската несреќа во Бугарија до нивните домови и вечни почивалишта

Почитувани, ве известуваме дека посмртните останки на загинатите граѓани во автобуската несреќа во Бугарија после нивниот транспорт на аеродромот во Скопје, веднаш ќе бидат упатени кон нивните домови и вечни почивалишта.

Оваа измена доаѓа согласно барањата на дел од семејствата на загинатите, а со цел телата да бидат предадени пред петочната молитва.

За граѓаните кои сакаат да оддадат почит, се уште останува можноста тоа да го сторат на плоштадот Скендербег во периодот од 10 до 13 часот – соопшти МНР.

Инаку,  се очекува, двата авиона од Бугарија со посмртните останки на загинатите во автобуската несреќа што се случи на 23 ноември, да пристигнат во 10.55 часот.

Можно е извесно пролонгирање на слетувањето на авионите поради временските услови.

Предвиено е церемонијата околу транспортот на телата на Скопскиот аеродром да почне во 10.55 часот.

Ќе присуствуваат претрседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот Љупчо Николовски, министрите Бујар Османи, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши, Насер Нуредини, Јагода Шахпаска, Благој Бочварски, пратеници и поглаварот на Исламската верска заедница.

Најавено е присуство и на странски делегации.

Сообраќајната несреќа се случи на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник во Бугарија кога автобусот на „Беса транс“ – Скопје се враќал од Истанбул. Загинаа 45 граѓани, а седум беа повредени.