Тегнел не очекува втор бран на пандемијата на есен во Шведска


Шведска најверојатно ќе се соочи со појава на локални жаришта на коронавирусот а есен, додека појава на втор бран на епидемијата не се очекува во овој период, објави денеска шведскиот водечки епидемиолог Андерс Тегнел.

Шведска поинаку се бореше против пандемијата на Ковид-19 од другите земји, и не ја затвори економијата, ниту повеќето училишта, ниту пак носењето маски во јавноста беше препорака на надлежните институции.

Во земјата има значително поголем број на заразени со коронавирусот во однос на нејзините нордиски соседи, иако не толку голем како во некои други европски земји, како што се Белгија, Шпанија и Велика Британија.

Во последните неколку месеци, во Шведска значително се намали бројот на хоспитализирани пациенти и смртни случаи од последици од Ковид-19. Меѓутоа, сега кога повеќето жители на земјата се вратија од одмор и училиштата повторно се отворија во текот на минатата недела, се појавија стравувањата од втор бран на пандемијата.

Водечкиот шведски епидемиолог Андерс Тегнел во интервју за ТВ4 изјави дека не верува оти во земјата ќе има класичен втор бран на епидемијата, каков што може да се забележи со вирусот на грип и за кој е карактеристично повторно распространето ширење на вирусот.

Тегнел рече дека коронавирусот се чини дека функционира на поинаков начин и оти преносот е по локализиран.

Затоа, поверојатно е дека наместо со втор бран на пандемијата, Шведска на есен да се соочи со појава на локални жаришта на зараза, што во моментов може да се види низ цела Европа, истакна Тегнел.

Мислењата во врска со шведскиот пристап во борбата против Ковид-19 се поделени, како во земјата така и во странство.

Во Шведска од почетокот на пандемијата на коронавирусот се заразиле над 86.000 луѓе, од кои починале речиси 6.000 пациенти.