Таравари подготвува смени на директори
„Има перфектни, одлични, многу добри и слаби директори. Секогаш кога ќе направите избор од 150 раководни кадри во јавните здравствени установи некои ќе бидат многу добри, некои се слаби. Ние како Министерство ги анализираме перформансите на директорите и нормално е дека таму кај што не се раководи баш како што треба би требало да направиме промени меѓутоа дозволете ни време за да имаме основи и факти за некои од директорите дека генерално не функционирале добро. Тие што функционирале многу добро и перфектно треба да ги пофалиме, да ги кажеме. И се гледа по работите, гледате каде одиме и веќе промовираме одредени работи, од ништо прават нешто. Тоа е за пофалба“, рече министерот Таравари.
За да каже кого ќе пофали, а кого ќе смени Таравари побара уште време оти не сака да зборува паушално, иако и од здравствените работници секојдневно добивал информации дека во одредени болници, здравствени домови, клиники има незадоволство од тоа што некои директори не се однесуваат баш како што треба. Таравари смета дека директорите треба да бидат диригенти на екипа која треба да функционира подобро за пациентите, кои се центар на вниманието во здравството, да бидат задоволни.