Таравари нуди нов договор меѓу Македонците и Албанците – фискална конфедерација!


Лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари во интервју за поткастот на Коха „Rashtazi“ најави дека наскоро ќе излезе со предлог за нов договор меѓу Македонците и Албанците во земјата, кој  го опиша како фискална конфедерација или федерација. 

„Наскоро ќе го промовираме нашиот нов договор за односите меѓу двата етникума што живеат во Македонија.Главниот столб на нашата следна кауза ќе биде децентрализацијата, фискална конфедерација или федерација  –  не територијална . Тоа ќе значи функционирање на општините со повеќе овластувања и со повеќе пари“, порача Таравари, без да објасни во што ќе се состои конфедерацијата или федерацијата.

Според него, иако ВЛЕН сака да се обедини и да функционира како единствена партија, реалноста во рамките на коалицијата го прави ова речиси невозможно.

„Знаејќи како функционира внатрешно, мојата прогноза е дека тој конгломерат со различни идеологии тешко може да стане структура. Мојот впечаток, сакам да грешам, е дека тоа се партии кои немаат никаква врска едни со други“, рече Таравари.

Тој нагласи дека евентуалното спојување може да се случи само помеѓу одредени субјекти, како што се БЕСА и Алтернатива, додека во врска со Демократското движење и групата на Арбен Фетаи, рече дека тие се сосема различни структури. Според Таравари, единствениот фактор што во моментов ги држи овие партии заедно е влијанието на премиерот Христијан Мицкоски.

„ВЛЕН има претседател, Христијан Мицкоски. Да не беше Мицкоски, нека им даде две недели и нека каже – јас не се мешам-  одамна ќе се разделеа“, изјави тој.