Таравари: ДУИ не протестираат, студено им е!
Министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата, Арбен Таравари саркастично ја прокоментира најавата на ДУИ за организирање состаноци на отворено, со граѓаните.
-Им препорачувам на ДУИ прво да започнат со реформи во партијата. Имаат доста некредибилни луѓе меѓу нив, им треба и адаптација во опозиција. Прво беа протести, но поради ниските температури одлучија да се сретнат со граѓаните. Убаво е, нека се сретнат, рече денеска Таравари.
Според него, ВЛЕН континуирано се среќава со граѓаните и смета дека тоа е обврска на сите партии.
-Не требаше да прават толку долга апститенција од четири месеци да не се видат со граѓаните, додаде Таравари.
Од ДУИ вчера соопштија дека ќе се одржуваат отворени седници на претседателството на партијата по партиските ограноци. За протести не било дискутирано иако и тоа е дел од агендата, информираше портпаролот Арбр Адеми по завршувањето на седницата на централното претседателство на ДУИ.
На новинарско прашање дали најавената поддршка за уставни измени значи и прифаќање на идејата да се смени Уставот, но со одложено дејство, Адеми рече дека тоа претставува оддалечување од стратешките цели.