Тамара Котевска ги спојува најекстремниот север и најпрестижниот југ на филмската уметност

Котевска не прави филм поради правењето филм, за неа филмот е искусување непознати животи, антропологија и разбирање на психологијата на човештвото


Тамара Котевска по успехот со  „Медена земја“, (три награди на Санденс и две номинации за Оскар) и долго патешествие со „The Walk“ со сириските бегалци низ Европа, со новите два документарци ги освојува и најекстремниот север и најпрестижниот југ на филмската уметност – Сибир и Венеција.

Светската премиера на нејзиниот трет долгометражен документарен филм „Силјан“е на 29 август во Венеција, а американската премиера, во септември- во официјална селекција на Торонто, Котевска истовремено го претставува и својот нов документарен филм кој моментално го снима во Сибир: „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих хан“. Филмот се најде меѓу тесната селекција на копродукцискиот маркет на Венецијанскиот филмски фестивал.

Во Сибир, Котевска и кинематографот Жан Дакар со кој ова им е веќе четврти заеднички проект („The Walk“, „Силјан“ како и „Човек против јато“ – новиот долгометражен филм кој заврши со снимање годинава во август) ја следат изолираната приказна на шаманското племе Долгани во кое постои конфликт меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби. Во Сибир поминале еден месец каде живееле заедно со племето во шатори направени од еленска кожа, јаделе и ловеле заедно со нив.

Умешноста за целосно инфилтрирање, разбирање и припаѓање во животот на своите протагонисти е една од ретките квалитети кои Котевска ги поседува како автор и која е тајната на создавање толку интимно блиски и магични дела кои не оставаат без здив. Котевска не прави филм поради правењето филм, за неа филмот е искусување непознати животи, антропологија и разбирање на психологијата на човештвото – како што вели таа.

Идејата и инспирацијата за овој филм потекнува од многу поодамна. Впрочем Котевска и кинематограферот Жан Дакар кои се запознале на сириско-турската граница додека го снимале „The Walk“, откриле дека ја делат истата љубов кон Сибир и бескрајните снежни предели на северната точка на планетата, каде според Котевска отсекогаш се криеле едни од најинтригантните и најмистериозни приказни кои од многу рана возраст и го одвлекувале вниманието преку страниците на списанието National Geographic – омилената литература на Котевска, каде се кријат најфасцинантните приказни за човекот и природата и кое има направено најголемо влијание врз нејзиниот живот и изборот за она со што се занимава денес.

Заедно со кинематограферот Жан Дакар се препознале во сензибилитетот на правење филмови и набрзо решиле да се впуштат во авантурата да направат филм на Сибир. И двајцата ја делат истата фасцинација од холандскиот фотограф и антрополог Џими Нелсон и неговата колекција „Before They Pass Away“.

Се обидувале да го направат овој филм три години. После долг и речиси невозможен процес на барање на било каков контакт за да дојдат до племето Долгани, упорноста на Котевска ја носи до човек оженет за жена од племето кој им овозможува контакт со заедницата во Сибир. Но започна војната во Русија и тие повторно не можеа да заминат. Конечно во 2024 година успеваат да го направат своето прво патување и се враќаат со чудесен материјал кој веднаш ги позиционира меѓу најпрестижните проекти селектирани на неколку светски фестивали и фондови за развој.

Котевска и овој пат се појавува во улога на режисер и продуцент на филмот. До сега проектот е поддржан исклучиво од приватни финансии на авторите и ко-продуцентите бидејќи повеќето институции и национални фондови биле исклучително скептични да се впуштат во толку ризичен проект. Проектот моментално е во потрага по партнери и финансиери за да продолжат со снимање во ноември. Котевска и Дакар се спремаат за арктичка обука во Норвешка за да можат да продолжат со снимање на температури од минус шеесет во ноември и да тргнат на патување кое трае четири дена за да се стигне до најсеверната точка на сибирската тундра.