Таксистите ќе исчезнат од Битола ако не се зголеми цената за нивните услуги
Во Битола сега има само 60 лиценцирани такси превозници. Порано беа 400. Таксистите се жалат дека оние без лиценци кои возат на црно, го уриваат пазарот
БИТОЛА – Ако не поскапи такси превозот во Битола ќе нема кој да вози ноќе, оти за таксистите е неисплатливо. Ваква е состојбата во Битола, откако во изминатите години постојано се намалува бројот на лиценцирани такси превозници, па од 400 лиценцирани такси превозници сега градот има околу 60 такси возачи кои се во такси компании.
Денеска од мнозинството советници во општинскиот Совет во Битола беше изгласана иницијативата за започнување на постапка за измена и дополнување на тарифата на такси превозот предложена од Здружението на лиценцирани такси превозници на град Битола. За гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Поинаку и Дом, советниците од СДСМ беа воздржани, а од Левица беа против оваа иницијатива.
Лиценцирани такси превозници пред советниците претходно ја образложија состојбата.
„Јас 26 години сум таксист и вака никогаш не било. Давачките и трошоците енормно се зголемија, а возиме по стари цени. Последното зголемување беше минимално и тоа го загубивме за два месеци кога се зголеми минималната плата со тоа и придонесите. Тоа се стопи. Што е најлошо, ние не возиме сега патници, туку сме доставувачи на стока. Граѓаните нарачуваат пица со попуст од 30 денари, а ние ја доставуваме за само 60 денари до дома, на работа ги носиме за 60 денари, значи стагнација. Работиме со крајни напори, сега има само една база за цел град“, рече Славчо Петровски, такси превозник, апелирајќи и на проблемот дека такси возилата се многу стари и дека немаат средства за обнова на возниот парк. Па рече: „Гледаме само возилото да има четири тркала“.
Последното поскапување на такси превозот во Битола беше во јануари 2022 година, веднаш по корона кризата кога поскапеа горивата. Од тогаш стартот со пресметан еден километар во цената чини 60 денари, за секој следен километар се плаќа 25 денари. Чекање од еден час чини 300 денари.
Сега Здружението на такси превозници од Битола бара прва тарифа (прва и втора смена) стартот да биде 60 денари, а секој еден километар по 35 денари. Втора тарифа стартот останува исто, но да биде 40 денари за секој еден изминат километар. Додека тарифата за трета смена, празник и за ден недела стартот да биде 60 денари а секој изминат километар 45 денари. Тарифата за чекање за еден час бараат да биде 400 денари.
Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека оваа иницијатива е само почеток на постапката за зголемување на цената на такси превозот во Битола.
„Нема регулаторно тело ни во општинската администрација, ни во државата кое може да каже колку ќе биде цената на такси превозот. Ние само го потврдуваме или одбиваме барањето. Општината има надлежност само во делот на издавање на лиценци. Ако порано во Битола имало 400 до 500 такси возила со лиценци сега има 50 до 60. Тоа треба да нѐ загрижи“, рече Бојкоски додавајќи да не се случи Битола да наликува на накои помали градови во државата каде нема такси превоз.
И други советници се согласуваат дека не треба да се заобиколи фактот дека битолчани имаат проблем со такси превозот особено во ноќните часови. А граѓаните често се жалат дека такси не можат да закажат ни дење кога е време за одење на работа или во училиште или пак кога врне дожд.
„Такси превозот не е јавно претпријатие и тие луѓе мора да имаат средства за да можат да поделат плати. Факт е дека ние имаме проблем со превозот низ градот. Доколку граѓаните се жалат дека во ноќните часови немаат можност за јавен превоз, ние не можеме да дозволиме и онака намалениот број на такси возила да се намали уште повеќе“, рече Анастасија Трајковска, советник од ДОМ.
Менде Илиевски, од СДСМ рече дека таксито во модерното време е и потреба. „Немаме прецизни и доволни информации како и јавен став во делот на висина на цената за зголемувањето. Треба да имаме сериозна анализа за зголемување покачување на такси превозот. Што има направено Општина во делот на сивата економија и борбата со нелегалните такси превозници? Затоа нема да гласаме“, рече Илиевски.
Инаку такси возачите во Битола најчесто се возрасни лица или пензионери, бидејќи нема млади заинтересирани за вршење на такси превоз.