Тајван се враќа во Македонија. Ѝ врти ли власта грб на Кина?
По многу години денес се одржа состанок на кој присуствуваше дипломатски претставник на Тајван, што беше преставено како „уривање на бариерите“ кон Тајван
Тајван се враќа во Македонија. Ова накратко е пораката од денешниот настан на Бизнис конфедерацијата на Македонија, која денес организираше настан со учество на преставници од официјалното дипломатско претставништво на Тајван во Италија, а на кој требаше да се пренесат искуствата на оваа земја околу „паметните градови“, како една од водечките земји во развој на високата технологија.
Сенката од „тајванската милијарда“ не можеше да се тргне од овој настан, но уверувањата беа дека целта е соработката да се фокусира на бизнис соработката.
Тоа што настанот коинцидира со изјавата на вицепремиерот Александар Николоски пред некој ден во Виена, дека Кина понудила кредит на нашата држава, но владата го одбила, сепак отвора дилема – дали во трката по кредити поради презадолженоста на државата нашата влада го враќа Тајван како можен финансиер и се враќа на старите сценарија?
На настанот на кој се обрати амбасадорот на Тајван во Рим, Винсент Цаи, беше кажано дека со него се отвора вратата за идна соработка на Македонија со Тајпеј, дека ова е прв ваков состанок по многу години и дека ова е „само почеток“ на тоа што ќе следи. Амбасадорот Цаи дури најави посета на наша бизнис делегација во март идната година на настан во Тајван, упатувајќи покана да се приклучат и официјални преставници од власта. Малку подоцна во обраќањето тој навести, исто така, дека Тајпеј ќе организира инвестициски форум за Македонија идната година.
Со неколку збора, Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата ова го оцени како почеток на кршење на мразот со оваа земја, по познатата историска епизода кога Македонија (во време на владата на Љупчо Георгиевски) го призна Тајван и доби милијарда долари, за подоцада се повлече од таквата одлука поради притисоците на Кина, а милијардата „испари“ во нечии џебови.
Амбасадорот Цаи рече дека причина за обновената соработка е тоа што балканскиот регион станува стратегиски важен за нив како регион преку кој може да го шират економското присуство во Европа. Тој посочи дека тема на овој собир е развој на „паметните градови“, односно важноста на дигиталната индустрија во економијата на Македонија, гледано низ тајванските иаскуства.
Тоа го илустрираше со фактот дека Тајван е лидер во производството на полупроводници и дека над 7о отсто од тие во светот се произведуваат во неговата земја, како и 90 отсто од ИТ чиповите. Според него, поради присуството на силниот ИТ сектор кај нас Македонија и Тајван се компатибилни, но во Тајпеј им требаат повеќе информации за пазарот во земјата.
Го спомна и зголемениот интерес на Тајванците за тури низ Балканот како причина за соработката, но податоците што беа изнесени потоа беа слика за „џин економија“ која произведува врвна технологија, а бара можности во Македонија која на која сѐ уште најголем дел од извозот ѝ е суровина. Миле Бошков тоа го опиша најдобро со оценката дека „од Тајван може само да учиме и дека имаме градови, но не знаеме колку се паметни“.
Инаку, Бошков рече дека целта на семинарот е да се изградат мостови на соработка со Тајван, не само за трговија туку и за знаење, и да развиваме соработка не само во економијата, туку и пошироко – во културата, во образованието и „да ги урнеме бариерите“. Тој тоа го оцени како предизвик кога се има во предвид „неодамнешната историја на односи“ со Тајван. Според него, контактите почнале пред две години (иако реално трговијата никогаш не беше прекината) и дека заклучиле дека Тајван и Македонија повторно имаат шанса да соработуваат – но, да го остават бизнисот да зборува, а „политичарите да бидат во функција на народот и на интересите“. Како дел од таа почетна соработка, Тајван веќе обезбедил две донации на опрема за Детската клиника и за новата владина агенција за иновации и претприемаштво Инова.

Практично, иако никаде немаше владин преставник на состанокот, беше присутна сенката на власта, што во основа не е би било контроверзно ако се тргне од фактот дека Тајван најголема трговска размена освен со САД, остварува со Кина и со ЕУ и никогаш не била спорна потребата од економска соработка со оваа земја. Проблем може да биде само ако власта се враќа на старата политичка матрица, односно ако ги расипува односите со Кина за да има од каде да ги финансира своите кредитни потреби во земјата, или ако не е ова една од „командите“ на далечинскиот управувач на претседателот на САД, Доналд Трамп, на кој силно е закачена.

Според она што беше кажано притоа, Тајван и Македонија очигледно не играат во иста лига кога е во прашање економијата. Преставничка на амбасадата на Тајван објасни дека нивниот економски усдпех се должи „на многу работа и силен нагласок на образованието“, презентирајќи потоа и податоци според кои Тајван е 16-та земја извозник во светот (а голема е како нашата држава), дека 50 отсто од тоа е извоз на електронски производи, дека има 797 милијарди долари БДП и дека по жител тој изнесува 34.000 долари. Дека најголеми трговски партнери ѝ се САД, Кина, Хонг Конг, ЕУ и Јапонија, каде што извезува најмногу, додека трговската размена со Македонија десетте месеци оваа година не стигнала ни до 9 милиони евра, при што нашиот извоз паднал на само помалку од два милиони евра (1,89). Практично Македонија изминатите години едвај имала трговска размена со Тајван, така што настаните натаму ќе покажат дали причината за тоа била реална или полити