СЗО: Одлуката на Трамп го загрозува глобалното здравство
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2020/10/gebrejesus.jpg)
Женева – Одлуката на САД да ја замрзнат странската помош сериозно влијае врз глобалното здравство, загрозувајќи програми за борба против детска парализа, ХИВ и други болести, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус. Тој ја повика американската влада да ја преиспита одлуката додека не се најде решение.
– Нè загрижуваат некои чекори на американската влада кои сериозно го загрозуваат глобалното здравство, изјави Тедрос на виртуелна прес-конференција од Женева. Претседателот на САД Доналд Трамп, веднаш по стапувањето на функцијата во јануари, ги замрзна исплатите за странска помош додека не се спроведе ревизија на програмите.
Тедрос истакна дека суспензијата на Претседателскиот план за итен одговор на СИДА (PEPFAR) го стопирала лекувањето, тестирањето и превенцијата на ХИВ во 50 земји. – Клиниките се затворени, а здравствените работници се испратени дома, предупреди тој, додавајќи дека СЗО се обидува да им помогне на погодените држави со набавка на антиретровирални лекови.
Погодени се и напорите за искоренување на детската парализа и одговорот на мпокс, а во Мјанмар 60.000 луѓе останале без основни здравствени услуги.
– Го повикуваме Вашингтон да размисли за продолжување на финансирањето, барем додека не се најдат алтернативни решенија, порача Тедрос.
Дополнително, Трамп започна со повлекување на САД од СЗО на првиот ден од својот мандат, што дополнително ја нарушува соработката, особено во борбата против епидемии и грип, предупреди тој.