Светската суперсила Џорџ Сорос?
Ретки се луѓето кои толку ги брануваат духовите како Џорџ Сорос. И на неговиот 90-ти роденден тој сè уште е главниот лик на теориите на заговор. Дали има вистина во тоа?
Тој е еден од лидерите на тајната светска влада. Со своите пари плаќа голема мрежа приврзеници низ целиот свет. Тие се претставуваат како новинари, активисти и заговорници на граѓански права, но всушност се негови агенти. Манипулира и важни политичари како што сака. Негова цел е на цели народи да им го одземе нивниот културен и национален идентитет и да ги присили во ропство на вечно плаќање долгови.
Со своите шпекулации доведе милиони луѓе во неволја, а планира и замена на населението во Европа – наместо христијански староседелци сака да насели муслимани. Кој ќе се спротивстави на сите негови намери, него го прозива во меѓународната јавност како лажго и клеветник.
Можеби сите овие обвинувања против американскиот буржоаски шпекулант, милијардер и филантроп со унгарско-еврејско потекло, Џорџ Сорос, воопшто не би било вредно да се споменат дека ги шират анонимни националисти по опскурните социјални мрежи. Но, сето ова се цитати на претседател на влада на една, начелно демократска членка на Европска унија, унгарскиот премиер Виктор Орбан.
И воопшто не е единствен член на некоја влада, особено на истокот на ЕУ, од кого можат да се слушнат такви изјави за Сорос. Дури и денеска кога Сорос го слави својот 90-ти роденден. Ѓерѓ Шварц, како што се викал кога се родил во Будимпешта, уште во 80-тите години од минатиот век сфатил дека не само доволно да се соборат комунистичките режими на Истокот.
Уште потешка задача е да се создаде граѓанско општество кое ќе знае да ги цени и пренесува демократските вредности – со образование, јавен ангажман и поместување на вредностите на граѓанското општество. Така е создадена неговата фондација „Отворено општество“ во која преточи милијарди од своето лично богатство. Но, секако дека со таквиот ангажман стекна и непријатели меѓу оние кои сакаа комунистичките симболи да ги заменат со националистички обележја – и да продолжат да водат иста политика како во времето на диктатурата.
Всушност е апсурдно тоа што едно од унгарските момчиња на кое му помогна фондацијата на Сорос е и Виктор Орбан. Но, унгарскиот премиер стана огорчен противник на овој милијардер и неговите напади кон Сорос траат до ден денес. Критиките и обвинувањата против Сорос, не само од страна на Орбан не запираат. Има ли во нив сепак и некоја вистина?
Сорос како соработник на нацистите?
Тоа е обвинување против синот на богатите еврејски родители од Будимпешта кое се слуша и од Орбан. Неговото семејство го преживеало холокаустот благодарејќи на фалсификувани документи и криејќи се од фашистите. Обвинувањата од некои унгарски медиуми дека „се збогатил соработувајќи со нацистите додека тие го одземале еврејското богатство“ почиваат на фактот дека Џорџ некое време за време на војната навистина се претставувал како кум на еден службеник од министерството за земјоделство во квинслиншката влада на Миклош Хорти. Но, Џорџ?
Најпрво тој во 1944 година имал 14 години и веќе поради тоа обвинувањето е апсурдно. Сорос и самиот зборувал за тие денови, но ништо нема кажано дека некако му помагал на наводниот „кум“, туку оти само се сеќава на својот страв и желбата да преживее.
Шпекулант, кој одвел милиони луѓе во пропаст?
Џорџ Сорос пред повеќе од половина век беше еден од изумувачите на стратегиите за вредносни хартии од висок ризик. Многу фондови подоцна ќе го следат неговиот пример. Успехот, кој го направи прочуен ширум светот, беше неговата шпекулација против британската фунта, преку која една негова фирма во 1992 година за кратко време заработи речиси една милијарда долари. Таа шпекулација беше насочена против стопанство на Велика Британија и некои британски компании поради тоа мораа да прогласат стечај. Затоа во Унгарија, Сорос и лично е означуван како шпекулант кој милиони луѓе одвел во пропаст.
Во суштина, падот на британската фунта на 16.09.1992 година имаше комплексна предисторија која доведе кон политички, социјални и економски разлики многу порано пред Сорос и другите инвеститори да заработат пари од тоа. Самиот Сорос во меѓувреме се разви во еден од најострите критичари на современиот финансиски капитализам и неговите ексцеси и бара строга регулација на финансиските пазари.
Шизофренија?
Бидејќи продолжи да заработува милијарди од берзански трансакции до неговото лично пензионирање како инвеститор, многу умерени критичари го обвинуваат за шизофренија. Исто така, има и критики дека фондовите со кои работи Сорос се регистрирани во земји- „даночни оази” .
Но од друга стран Сорос го донираше најголемиот дел од личното богатство на неговите добротворни фондации. Едно од неговите мота гласи: „Со задоволство заработувам многу пари, за потоа да ги потрошам за добри цели”.
Соросовата „мрежа на агенти“
Уште во 80-тите години фондацијата на Сорос ,Отворено општество, навистина започна голем број проекти во изградба на демократско општество, човекови права, образование и здравство. Секако, започна во својата родна Унгарија, но неговото работење брзо се прошири по цела низа поранешни социјалистички земји. Во своето постоење неговата фондација за таа цел има потрошено околу 15 милијарди долари, но никогаш не постоела никаква „мрежа“ на агенти. Се одржувале состаноци на регионални соработници за да се разменат искуства, но веќе подолго време и самиот Сорос сфатил дека активноста на истокот на Европа и во, на пример, Грузија е секако важна – но, и како во наше време за жал мора да се работи на градење на иституции на демократското општество и во САД.
Планира ли Сорос „замена на населението во Европа”?
Уште од почетокот на бегалската криза во есента 2015 година унгарската влада тврди дека Џорџ Сорос сака да донесе милиони муслимански бегалци во Европа и планира замена на населението на Стариот континент. Премиерот Орбан го нарекува тоа „Соросов план”.
Ваквите обвинувања во прв ред се потпираат на еден текст на самиот Сорос за бегалската криза од септември 2015 година, во кој меѓу другото тој побара праведна и фер прифаќање и распределба на еден милион бегалци годишно од страна на Европа. Подоцна тој ја ревидираше оваа бројка на 300 илјади годишно и освен тоа побара подобра заштита на надворешните граници на ЕУ, што впрочем е и барање на самиот Орбан.
Но деталите на „Соросовиот план” кои ги презентира владата на Орбан: поблаги казни за криминалните мигранти, десетици илјади евра социјална помош за бегалците и принудно населување на мигранти ширум Европа, се барања кои Сорос никогаш не ги изнесол. (Дојче веле)