Светска банка: Северна Македонија треба да продолжи да инвестира во образованието и здравството со цел подобрување на човечкиот капитал
На младите луѓе во регионот на Европа и Централна Азија им се даваат можности, кои им се потребни за да израснат во продуктивни возрасни лица, благодарение на континуираните инвестиции во здравството и образованието, во текот на нивното детство и тинејџерски години, се вели во последното ажурирање на Индексот на човечки капитал на Светска банка, кој ги мери резултатите од човечкиот капитал низ целиот свет пред пандемијата.
Сепак, пандемијата предизвикана од КОВИД – 19 се заканува на досегашните придобивки, додека владите се напрегаат да ги одржат здравствените и образовните услуги соочени со ограничувањата за заштита на јавното здравје, вклучително и затворање на училиштата.
Според Индексот на човечки капитал, дете родено денес во Северна Македонија ќе достигне 56 проценти од својот потенцијален човечки капитал кога ќе порасне, во споредба со она што би можело да го достигне доколку има квалитетно образование и здравствена заштита. Тоа е пониско споредено со просекот во регионот на Европа и Централна Азија и земјите со висок среден приход. Во периодот помеѓу 2010 и 2020 година, вредноста на Индексот на човечки капитал се зголемил од 0,54 на 0,56.
Дете, кое во Северна Македонија започнува со училиште на 4 – годишна возраст се очекува да заврши 11 години предучилишно, основно и средно образование додека да наполни 18 години. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години што значи дека има јаз во учењето од 3,7 години. Во врска со резултатите во здравството, извештајот покажува дека 99 од 100 деца родени во Северна Македонија доживуваат до 5 годишна возраст.
„Северна Македонија од 2010 година направи значителни напори во подобрување на резултатите во образованието и здравството, но сѐ уште постојат предизвици. За подобрување на човечкиот капитал, земјата треба да инвестира повеќе во квалитет и рамномерен пристап во образованието“, вели Масимилиано Паолучи, директор на Канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија. „Исто така, многу е важно и зајакнување на системот за превенција од хронични незаразни болести преку подобрување на скринингот, управувањето и контролата“.
Земјите од регионот имаат релативно повисоки приходи, такашто се во можност да инвестираат повеќе во основно образование и здравствени услуги, споредено со посиромашните земји. Како резултат на тоа, од 48 земји во регионот на Европа и Централна Азија вклучени во Индексот на човечки капитал 2020, 33 се меѓу третината најдобри во светот и речиси сите се во подобрата половина. Сепак, постојат разлики во регионот. Во рамки на економиите во регионот, дете родено во Полска може да очекува да постигне 75 проценти од продуктивноста на целосно образовано возрасно лице во оптимално здравје. Споредено, дете родено во Таџикистан, може да очекува да постигне само 50 проценти продуктивност.
„Владите во Европа и Централна Азија дадоа приоритет на инвестициите во здравството и образованието, кои се главни двигатели на растот и развојот. Сепак, за предизвиците предизвикани од КОВИД -19 потребен е посилен одговор на политиките, што вклучува поголемо користење на технологијата со цел подобрување на услугите и подобрени програми за социјална заштита, со цел постигнување подобар квалитет на образованието и здравствените услуги за граѓаните“, вели Ана Бјерде, потпретседатлка на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија.
Извештајот вклучува и десетгодишна анализа за развојот на човечкиот капитал од 2010 до 2020 година во 103 земји. Албанија, Азербејџан и Русија се меѓу 10 – те земји кои бележат прогрес во здравството и образованието.
Светска банка им помага на владите во развој на долгорочни решенија преку кои ќе изградат поотпорни, инклузивни економии во периодот по пандемијата. Примери за таквата работа ја вклучува Украина, каде Светска банка помага во зајакнување на одговорот на земјата во борба против КОВИД – 19, и вклучува модернизација на одделите за итна помош и одделенијата за мозочен удар во 40 болници, како и обука за илјадници доктори во Украина. Во Турција, Светска банка го поддржува развојот на ТВ и дигитални содржини за комбинирано поучување и учење кога училиштата повторно ќе се отворат.
Регионални постигнувања во здравството
Севкупно, резултатите во здравството во регионот се релативно добри, во рамки на глобалните стандарди. Во последните 10 години, смртноста на децата значително се намали, Азербејџан, Казахстан и Турција бележат најголеми подобрување во намалување на смртноста на децата. Исто така, стапките на забавување во развојот кај децата исто така се намалија значително, особено во Албанија, Азербејџан, Северна Македонија и Турција.
Стапката на смртност кај возрасните исто така се намали, со најдобри подобрувања во Казахстан, Русија и Украина. Сепак, стапката на смртност кај возрасните останува висока во повеќето земји.
Регионални резултати во образование
Основните резултати од образованието во регионот нудат различна слика, иако регионот има добри резултати споредено со глобалните стандарди. Во текот на изминатата деценија, очекуваните години на школување се зголемија, со тоа што Азербејџан, Албанија, Црна Гора, Полска и Русија остварија најголеми придобивки – што главно се должи на подобрувањата во запишувањата во средно и предучилишно образование. Сепак, очекуваните години на школување опаднаа во голем број земји, вклучувајќи ги Бугарија, Молдавија, Романија и Украина
Во просек, квалитетот на образованието не се подобри во целиот регион во изминатата деценија. Земјите што забележаа пад на квалитетот на образованието се Бугарија и Украина. Земјите што направија подобрувања во квалитетот на образованието се Албанија, Молдавија и Црна Гора.
На глобално ниво, извештајот за Индексот на човечки капитал повикува на редовно прибирање на податоците за постигањата во образованието за да им се овозможи на креаторите на политиките во земјите да ја насочат поддршката кон оние на кои им е најпотребна.
Индексот на човечки капитал на Светска банка го разгледува патот на детето, од раѓање до 18 години, според утврдени стандарди (показатели) како што се: преживување на децата (од раѓање до 5 години); очекувани години на основно и средно образование прилагодени според квалитетот на образованието; забавување во развојот кај децата; и стапки на преживување кај возрасните. Индексот на човечки капитал 2020 базиран на податоци до март оваа година, обезбедува основа од периодот пред пандемијата, што може да помогне во информирањето на здравствените и образовните политики и инвестициите за пост-пандемиско закрепнување.