Светска банка: Регионот на Западен Балкан се соочува со криза на работна сила

Се очекува шест земји од Западен Балкан да постигнат просечен раст на бруто домашниот производ од 3,1 процент во 2026 година, што би било малку повисоко од оваа година и недоволно за да ги задоволи потребите на нивните граѓани, според новиот редовен извештај на Светската банка (СБ) објавен во вторник.
Аналитичарите на СБ велат дека економскиот раст во Западен Балкан забавил во 2025 година, бидејќи инфлацијата довела до намалување на потрошувачката, додека зголемената неизвесност ги ограничила трговијата и инвестициите, и покрај солидниот раст на платите и кредитите.
Растот на БДП за целиот регион оваа година се проценува на три проценти, што е за 0,2 процентни поени пониско од претходните проекции.
Највисок раст се очекува во Косово и веројатно ќе биде на ниво од 3,8 проценти, по што следува Албанија со 3,7 проценти, додека раст под регионалниот просек се проценува за Србија и Босна и Херцеговина, каде што треба да биде 2,8 и 2,6 проценти, соодветно.
Иако растот на БДП е скромен, Светска банка ја истакна важноста на тоа фискалната политика во Западен Балкан да остане дисциплинирана и покрај малото олеснување, со дефицит под три проценти и јавен долг сè уште на опаѓачка траекторија.
СБ предвидува нешто посилен економски напредок во регионот само за 2027 година, кога во просек треба да изнесува околу 3,6 проценти.
Најдобри перспективи, имено раст на БДП од четири проценти, се предвидуваат за Србија и Косово, каде што БДП треба да расте со стапка од 3,9 проценти.
Сепак, услов за ова се промените на пазарот на трудот.
Сјаоќинг Ју, директорка на СБ за Западен Балкан, изјави дека земјите во регионот, во нивната трансформација кон модерна економија, ќе мора да разгледаат промени во нивните стратегии за вработување.
„Тие вклучуваат охрабрување на поголемо учество на пазарот на трудот, промовирање на вештините на граѓаните и зајакнување на компаниите преку дигитална трансформација“, оцени таа.
Западен Балкан всушност се соочува со парадокс на пазарот на трудот, со недостиг на работници во некои сектори и високи стапки на невработеност.
Демографските трендови ги усложнуваат овие предизвици, при што населението во работоспособна возраст веќе значително се намалува и се предвидува дека ќе се намали за речиси 20 проценти до 2050 година.
„Доколку продолжат сегашните трендови во населението, економскиот раст и условите на пазарот на трудот, регионот би можел да се соочи со недостиг од над 190.000 работници во следните пет години“, се наведува во извештајот на СБ.
За да го „отклучи“ економскиот раст, Западен Балкан мора да инвестира во основна инфраструктура, што е клучно за создавање работни места.
Мерките вклучуваат зајакнување на образовните и здравствените системи и зголемување на стапките на учество во работната сила, особено кај жените.
Инвестирањето во транспортната, еколошката и енергетската инфраструктура ќе помогне побрзо и поефикасно да се поврзат бизнисите и граѓаните, подобрувајќи ја продуктивноста.
Дополнително, бизнисот и растот во приватниот сектор бараат зајакнување на јавната администрација и поддршка на политиките што го поттикнуваат економскиот раст, заедно со создавање предвидлива регулаторна средина.
Препорачано е и поттикнување на конкуренцијата во клучните сектори како што се енергетиката и транспортот, реформирање на државните компании, поедноставување на регулативите и обезбедување поддршка на иновативни стартапи.