Светот во 2024/Падот на Асад и новите патишта за Сирија


Падот на режимот на Башар ал-Асад во Сирија, последните настани и геополитичките пресврти означија крај на повеќе од една декада граѓанска војна и 50-годишното владеење на семејството Асад.

Ново поглавје за Сирија

Во драматичен пресврт со геополитички импликации за регионот и меѓународната сцена, САД направија значителен чекор кон признавање на новата сириска власт. За првпат, американски дипломати остварија директна средба со лидерот Ахмед ал-Шара, некогаш познат како Абу Мохамед ал-Голани – фигура со турбулентно минато и спорни врски со екстремистички групи. Средбата, одржана во срцето на Дамаск, означи не само промена во американската политика туку и симболично признавање на новата реалност во Сирија.

Ахмед ал-Шара, водач на групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС), која некогаш беше означена како терористичка организација, сега е прифатен како клучен фактор во постконфликтното уредување на земјата. Одлуката на Вашингтон да ја укине наградата од 10 милиони долари за неговото апсење предизвика глобални реакции – од надеж за стабилност до скептицизам за неговите вистински намери. Шара, кој ја предводеше молскавичната офанзива што го собори режимот на Башар ал-Асад, тврди дека неговата визија е локална, насочена кон национално закрепнување на Сирија, ослободена од надворешни влијанија.

– Сирија е изморена од војна и не претставува закана за соседите или Западот,  изјави Шара во интервју за Би-Би-Си, повикувајќи на укинување на санкциите што, според него, сега ги погаѓаат обичните граѓани. Со уверување дека ХТС не претставува терористичка закана, тој изрази подготвеност за соработка, барајќи и отстранување на групата од листата на терористички организации.

Но, дали ова е искрена трансформација или внимателно осмислен политички маневар? Аналитичарите се поделени. Некои истакнуваат дека Шара успеал да воспостави поумерен пристап, градејќи доверба меѓу различни етнички и религиозни заедници во земјата. Во Алепо, првиот ослободен град, неговите борци понудија амнестија за поранешните војници на режимот, и истовремено ги уверија христијанските заедници дека нема да бидат повредени. Од друга страна, скептиците предупредуваат дека промовираниот „прагматизам“ може да биде само привид, зад кој се кријат долгорочни амбиции.

Со земја која сè уште стои на работ од економски колапс, со милиони раселени граѓани и длабоки рани од долгогодишната војна, Сирија сега се наоѓа на крстопат. Дали Шара ќе успее да ги обедини различните интереси и да го насочи својот народ кон закрепнување, или ќе се врати кон радикалните корени што го дефинираа неговото минато, останува да се види. – Не судете според зборови, туку според дела, рече тој неодамна, оставајќи ги аналитичарите и меѓународната јавност во исчекување.

Инаку, Шара, кој беше познат под името Ал Голани, кое асоцира на Голанските висорамнини, со години беше симбол на неговата борба против израелската окупација, но со враќањето на своето вистинско име, Шара, тој испраќа сигнал за нова насока во својата политика.

Шара е роден во 1982 година во Саудиска Арабија, од родители Сиријци по потекло од Голанската висорамнина окупирана од Израел. Раните периоди на неговата милитантна активност се нејасни. Се верува дека тој се приклучил на Ал Каеда во Ирак по американската инвазија во 2003 година. Во 2012 година, Голани ја основа Џабхат ал Нусра, познат и како Фронт Нусра, сирискиот огранок на Ал Каеда.
Со седиште во северозападната сириска провинција Идлиб, оваа група подоцна неколку пати го менуваше името и се дистанцираше од Ал Каеда. Се спои во 2017 година со други бунтовнички групи за да формира ХТС.

Кога беше Голани носеше турбан и долга брада и воена униформа. Сепак, подоцна тој се откажа од карактеристиките на милитантен водач, се одлучи за јакна, уредна брада и достапен за интервјуа за западни медиуми.

Сега, некои го нарекуваат Голани за да го потсетат на неговата милитантна историја, други инсистираат на Шара како знак за неговата еволуција кон политичко лидерство. Во новите интервјуа, Шара одбива да се задржи на своето минато како Голани, велејќи дека сегашноста и иднината на Сирија се единствените негови приоритети.

Потсетување на настаните кои доведоа до падот на режимот на Башар ал-Асад

Почеток на протестите во 2011 година
Сириската криза започна во март 2011 година како дел од Арапската пролет. Продемократски протести избија во градот Дера, со барање за оставка на претседателот Башар ал-Асад. Репресивната реакција на режимот доведе до проширување на немирите низ целата земја. Најпрвин протестите беа мирни, но по употребата на смртоносна сила од страна на владата, опозиционерите кренаа оружје, со што конфликтот премина во граѓанска војна.
Ескалација во вооружен конфликт
Бунтовнички групи, вклучително и Слободната сириска армија (FSA), се појавија како значајни сили. Истовремено, џихадистички организации, како Исламската држава (ИД) и Ал Каеда, се вклучија во конфликтот, комплицирајќи ја борбата против режимот на Асад. Странски сили, како Русија и Иран, го поддржаа Асад, додека Турција, САД и други ги поддржаа бунтовниците. Војната брзо доби меѓународен карактер, со милиони раселени луѓе и огромни жртви.
Клучни пресвртници што го ослабеа режимот
– Судирите во Алепо: Алепо, еден од најважните градови во Сирија, беше бојно поле од 2012 до 2016 година. Иако режимот на Асад со поддршка од Русија успеа да го заземе градот, губењето на човечки и воени ресурси значително го ослаби.
– Меѓународна интервенција: Руската воздушна поддршка од 2015 година беше од клучна важност за режимот, но таа се покажа недоволна за спречување на ненадејните напади од бунтовничките сили, како што беше офанзивата на Алепо во ноември оваа година.
– Исцрпеност на сојузниците: Хезболах, иранските милиции и други сојузници на Асад претрпеа сериозни удари од израелските напади врз нивните линии за снабдување. Тие станаа неспособни за долгорочна поддршка, што го остави режимот ранлив на бунтовничките офанзиви.
Офанзивата што доведе до падот
Ненадејната офанзива на Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) врз Алепо кон крајот на ноември ја означи пресвртницата. Во рок од две недели, бунтовниците ги разбија владините линии на одбрана, предизвикувајќи масовно дезертирање на сириската армија. Влегувањето во Дамаск без отпор и бегството на Асад од земјата беа кулминација на повеќегодишниот конфликт.

Улогата на локалните и меѓународните актери

Конфликтот во Сирија не може да се разбере без анализа на улогата на локалните и меѓународните актери, кои значително влијаеја врз текот и исходот на војната. Со години, Сирија беше поле на сложени сојузи и судири меѓу различни интереси, што ја претвори кризата во еден од најкомплексните конфликти во современата историја.
Опозицијата
На самиот почеток од конфликтот, опозицијата беше претставена од групи кои повикуваа на демократија, права и реформи. Протестите против режимот на Асад брзо ескалираа, а опозицијата се трансформираше во фрагментирана вооружена сила. Клучните играчи беа Сириската национална коалиција и слободната сириска армија (FSA), но недостигот на единство и натпреварувањето за поддршка од странство ја ослабе нивната позиција.
Со текот на времето, внатрешните судири меѓу умерените и екстремистичките групи дополнително ја комплицираа состојбата, па опозицијата не успеа да формира ефикасна алтернатива на режимот на Асад.
Курдските сили
Курдските сили, предводени од YPG (Единици за заштита на народот), играа значајна улога во североисточна Сирија. Тие ја користеа војната како можност за зајакнување на својата автономија, борејќи се против терористичката „Исламска држава“, но и против други сили кои ја загрозуваа нивната позиција.
Поддржани од САД и меѓународната коалиција, курдските сили постигнаа значајни воени успеси, ослободувајќи големи делови од територијата под контрола на терористите. Сепак, нивните односи со Турција останаа силно затегнати, бидејќи Анкара ги гледа како продолжение на ПКК (Курдската работничка партија), која е забранета како терористичка во земјата.
Меѓународните коалиции
Улогата на меѓународните актери беше двојна: од една страна, тие ја поддржуваа опозицијата и курдските сили, а од друга, настојуваа да го спречат ширењето на Исламска држава и да ги осигураат своите интереси.
САД: Вашингтон вложи значителни ресурси во поддршката на курдските сили и опозицијата, додека се фокусираше на уништување на Исламска држава. Сепак, САД беа критикувани за својата нејасна стратегија и повременото напуштање на сојузниците, како што беше видливо во повлекувањето на трупите во 2019 година.
Русија: Москва се појави како еден од најзначајните сојузници на режимот на Асад, обезбедувајќи воена, дипломатска и финансиска поддршка. Интервенцијата на Русија во 2015 година го смени текот на војната во корист на режимот, што ја зацврсти улогата на Москва како доминантен играч во регионот.
Турција: Анкара имаше свои амбиции во северна Сирија, насочени против курдските сили и создавање тампон-зона долж границата. Турција водеше неколку воени операции, но честопати беше критикувана за прекршување на човековите права и мешање во сирискиот суверенитет.
Други актери
Иран: Техеран го поддржуваше Асад како дел од својата стратегија за зачувување на регионалното влијание и одржување на копнен коридор до Либан и Хезболах. Иранските воени советници, заедно со милициите како Хезболах, одиграа клучна улога во зајакнувањето на сириската армија.
Европската Унија: Иако ЕУ главно се фокусираше на хуманитарната криза, дел од земјите-членки обезбедуваа логистичка и дипломатска поддршка за опозицијата. ЕУ, исто така, воведе санкции кон режимот на Асад, настојувајќи да го изолира меѓународно.
„Исламска држава“: Иако ИД беше поразена како територијална сила, нејзиното присуство ја трансформираше природата на конфликтот, привлекувајќи глобално внимание и интервенција.

Локалните и меѓународните актери ја обликуваа војната во Сирија во различни насоки, понекогаш влошувајќи ја хуманитарната криза и продолжувајќи го конфликтот. Иако некои актери постигнаа тактички победи, конфликтот покажа дека секој обид за трајно решение ќе бара соработка и компромис меѓу бројните заинтересирани страни.

Победници и губитници

Сириската граѓанска војна, која траеше повеќе од 13 години, донесе страдања, разурнување и геополитички промени, чии ефекти ќе се чувствуваат уште долго. 
Во анализата на „Политико“ за настаните, се издвојуваат неколку победници и губитници.
Победници
Сирија (веројатно): Иако режимот на Башар ал-Асад е соборен, обичните Сиријци остануваат најголемата непознаница во равенката на победата. Со над 470.000 до 600.000 жртви и повеќе од 13 милиони раселени лица, исходот за обичниот народ ќе зависи од тоа дали земјата ќе најде пат кон мир или ќе влезе во нова ера на насилство. Позитивен сигнал е реториката на бунтовничките сили, но загриженоста за вакуум во власта е реална.
Турција: Преку поддршка на исламистичките опозициски групи, Турција добива можност за елиминирање на курдските сепаратисти и создавање економски можности преку обновата на Сирија. Претседателот Реџеп Тајип Ердоган го искористи падот на Асад за зајакнување на својата регионална позиција.
Израел: Соборувањето на Асад значи ослабување на Иран и Хезболах, што го намалува влијанието на „оската на отпорот” предводена од Техеран. Израелските сили ја презедоа контролата над напуштените сириски позиции на Голанската висорамнина, обезбедувајќи поголема безбедност за својата граница.
Регионални и глобални сили: САД и западните сојузници имаат причина за славење поради ослабените позиции на Иран и Русија, што ги ограничува нивните маневри во регионот. Ова е значаен геополитички пресврт.
Губитници
Сириските Курди: Курдите, кои во време на конфликтот уживаа полуавтономија, се соочуваат со неизвесност под новиот режим, особено поради притисокот на Турција. Тие се и без поддршка од САД, што го зголемува нивниот ризик, пишува Политико.
Алавитите: Како главен столб на режимот на Асад, алавитите стравуваат од репресии и освета од страна на победничките сили. Историски, тие беа сметани за привилегирана група, што дополнително ги прави ранливи.
Русија, Иран и Хезболах: Иран и Хезболах го губат својот главен сојузник во регионот, додека Русија, заглавена во Украина, не успеа воено да го поддржи Асад. Сепак нему и на неговото семејство Москва им даде политички азил откако тој побегна од Сирија. Ослабеното руско присуство во Сирија значи намалување на нивното влијание во Блискиот Исток.

Соборувањето на режимот на Асад означува крај на една ера за Сирија, но и отвора нови предизвици. За иднината на Сирија, клучно ќе биде дали земјата ќе најде начин за помирување и изградба на демократски институции или ќе биде вовлечена во нов циклус на насилство. Само времето ќе покаже дали соборувањето на Асад ќе донесе траен мир или нова нестабилност.