Светот обезбедува критични минерали, Македонија сè уште ја чека реализацијата на Иловица


Додека САД вложуваат 12 милијарди долари за создавање стратешки резерви од критични минерали и ја зајакнуваат својата индустриска независност, Македонија сè уште не ги користи сопствените минерални ресурси.

Геолошките истражувања потврдуваат дека земјата располага со бакар и антимон, а најголемото познато наоѓалиште на бакар е во Иловица. Таму беше најавена инвестиција од околу 350 милиони евра за изградба на рудник, која според проценките би претставувала најголема гринфилд инвестиција во Македонија. Дополнително, проектот би обезбедувал околу 180 милиони евра годишен извоз во текот на неговото работење и би придонел за раст на македонскиот извоз од околу 4%, но неговата реализација сè уште не е започната.

Дополнително, во близина на Крива Паланка се испитуваат капацитетите на антимон, а истражувањата со пет милиони евра ги финансира Министерството за енергетика на САД (DoE), преку Стратешкиот дијалог со Македонија. САД изминатиов период потпиша повеќе големи договори за снабдување со критични минерали, со Европската Унија, Јапонија, Канада и други земји. Во домашната Стратегија за минерални суровини 2026-2046, чиј носител во изработката беше МАНУ, се истакнува дека ваквите договори можат да донесат бенефити.

„Минерално богатите држави, особено оние што се во развој, може да имаат голем економски бенефит доколку потенцијалот од ваквата ситуација го искористат на правилен начин. Градењето на доверливи партнерства помеѓу државите добавувачи и државите корисници, мултилатералната соработка и транспарентноста се есенцијални во процесот на зголемување на производствените капацитети на критични минерални суровини и материјали“, се наведува во текстот на Стратегијата.

Вашингтон пак, продолжува со силни инвестиции во рударството и преработувачката индустрија. Министерството за енергетика на САД на почетокот на јуни додели 15 милиони долари за два проекта што ќе воспостават регионални конзорциуми за забрзување на развојот на нови синџири на снабдување со критични минерали и материјали од неконвенционални и секундарни суровини – во сојузните држави Невада и Џорџија. Други 134 милиони долари без издвоени за проекти во Минесота и Луизијана.

„Градењето на домашни синџири на снабдување за критични минерали значи дека сфаќањето на вредноста на неконвенционалните суровини може да ги зајакне синџирите на снабдување за американското производство и производството на основни технологии“, изјави помошничката секретарка за енергетика, Одри Робертсон.

Само во изминатиов месец мај, американското Министерството за енергетика додели 45,7 милиони долари за 19 проекти кои имаат за цел да ги пополнат празнините во домашниот синџир на снабдување со критични минерали. „Финансирањето поддржува развој на пилот-проекти за преработка на ретки земни елементи и критични минерали“, соопшти институцијата.

(Комерцијален текст)