Светот лут што Хандке доби Нобелова награда за литература


Шведска– Одлуката, годинешната Нобелова награда за литература, покрај на полската писателка, Олга Токарчук, да му се додели и на австрискиот писател, Питер Хандке, предизвика лути реакции, поради поддршката што Хандке му ја даваше на режимот на Слободан Милошевиќ.

Амбасадорката на Косово во САД, Влора Читаку, ја оцени одлуката како „апсурдна и срамна“.

Британскиот историчар и писател, Орландо Фиџис, изјави дека е „длабоко шокиран“ што „озлогласен апологет на убиствениот режим на Слободан Милошевиќ“ е добитник на Нобеловата награда за литература.

Нобеловиот комитет соопшти дека на Хандке му е доделена наградата „за влијателно дело, што со јазична генијалност ја истражува периферијата и специфичностите на човековото искуство“.

Тој е автор на многу романи, драми, поетски дела и есеи, работел на филмови и соработувал со режисерот Вим Вендерс, како косценарист на филмот „Небото над Берлин“.

Но, неговите симпатии кон Србија, во воените години, за време на режимот на Милошевиќ, веќе долго предизвикуваат контроверзии.

Во 1997 година, Хандке ја напиша, како што беше оценето, просрпска книга за балканските војни, насловена како „Патување до реките: правда за Србија“, а во март 2006 година, присуствуваше на погребот на Милошевиќ во Пожаревац, при што одржа говор.

„Јас не ја знам вистината, но гледам, слушам, чувствувам, се сеќавам, се прашувам. Затоа сум денеска тука, со Југославија, со Србија и со Слободан Милошевиќ“, изјави тогаш Хандке.

Тој, во 2006 година, одби да ја прими наградата „Хајнрих Хајн“, заради слични реакции на неговите симпатии кон Милошевиќ, а кога во 2014 година му беше доделена награда Ибзен, дојде до протести.

Во 1999 година, Хандке ја врати германската награда за литература „Георг-Бихнер“, во знак на протест затоа што Германија  учествуваше во НАТО бомбардирањето на Југославија, што имаше за цел да го натера Милошевиќ да стави крај на воената кампања во Косово.

Како добитници на Нобеловата награда, Хандке и Токарчук ќе добијат околу 830.000 евра и медали.

Токарчук, позната полска писателка и политички активист, но и критичар на десничарската влада во нејзината земја, стана 15-тата жена добитник на Нобеловата награда.

Откако голем број лица и организации ја осудија одлуката на Комитетот за доделување на Нобелова награда за литература на австрискиот писател Петер Хандке, од Нобеловата фондација порачаа дека Нобеловата награда не може да биде отповикана.

„Нобеловата награда не може да се одземе. Статутите на Нобеловата фондација не ја спомнуваат таквата можност. Ниту еден одбор за доделување на наградите во Стокхолм или Осло никогаш не размислувал за одземање на наградата откако ќе биде доделена“, изјави за Анадолија Микаел Остлунд, портпарол на Нобеловата фондацијата.

Контроверзите стануваат традиција

Минатата година не беше доделена Нобелова награда за литература по скандалот околу обвиненијата за сексуално вознемирување во врвот на Шведската академија што ја доделува наградата.

Шведски суд лани во октомври го прогласи Жан-Клод Арно, човекот во центарот на секс скандалот, за виновен за силување во 2011 година.

Адвокатот на Арно, Бјорн Хуртиг, рече дека ќе поднесат жалба на пресудата во случајот што според нив е класичен „лов на вештерки“.

Обвиненијата против Арно (72) потекнуваат од скандалот што сериозно ја оштети репутацијата на Шведската академија што ја доделува Нобеловата награда за литература и поттикна низа разврски и борби за превласт во институцијата.

Францускиот фотограф Арно во Шведска долго време се сметаше за човек кој може да создаде и да уништи нечија кариера во областа на уметноста. Тој и неговата сопруга, членка на Шведската академија, беа сопственици на Forum, популарен културен центар што добиваше поддршка од Академијата.

Лани беше најавено дека годинава ќе бидат доделени две награди за да се „испегла“ скандалот.

Нобеловата награда за литература за 2018 година ја доби полската писателка Олга Токарчук, а лауреат за оваа година е австрискиот писател Петер Хандке.

Заклучно со Токарчук, од сите 112 доделени Нобелови награди за литература од 1901 година наваму, само 15 отишле во рацете на жени.

Најмлад добитник на оваа престижна награда бил Радјард Киплинг, најпознат по делото „Книга за џунглата“, кој во моментот на добивање на Нобеловата награда имал 41 година, а најстар лауреат е Дорис Лесинг, која на 89 години стана нобеловка во 2007 година. (Бирн)