Свети Стефан е луксузен како пред 40 години: Скриени балкони со поглед на Јадран


Далеку од очите на јавноста, на скриени балкони, со поглед на Јадранското Море, холивудските ѕвезди, режисерите Орсон Велс и Карло Понти, актерите Елизабет Тејлор со сопругот Ричард Бартон, Софија Лорен, Кирк Даглас, принцезата Маргарет и скијачкиот ас Ингемар Стенмарк, уживале во гастрономски деликатеси на малиот полуостров и хотел со пет ѕвезди во 80-тите години.

Четириесетина години подоцна, готвачот и врвен гастроном од Црна Гора, Вуксан Вук Митровиќ, во тоа време помошник на шефот на кујна, ни го откри луксузното мени на славните личности од мистериозниот полуостров, кој и сега е ултраприватен и таен зад своите ѕидини.

„Бев помошник на шеф на кујна во далечната 1972 година кога луксузниот ‘Св. Стефан’ го освои ‘Златното јаболко’ како најдобар хотел на светот. Како единствен вид на такво одморалиште, со загарантирана приватност и анонимност, ексклузивен престој и врвна храна, беше магнет за светската елита. Ексклузивни гости доаѓаа од цел свет, а и храната доаѓаше од цел свет. Имаше ‘од пиле млеко’. Млекото од кобила како деликатес се носеше со авион од Украина, а холивудските ѕвезди најмногу бараа руски кавијар, лосос, паштета од гуска, печени препелици, исклучиво органски зеленчук и десерти само со путер“, ни откри нашиот соговорник, воедно и претседател на Асоцијацијата на шефови на кујни на Црна Гора, член на светската асоцијација на шефови на кујна (WАCK), кој е 54 години во кулинарството.

Митровиќ, културен и шармантен, но и мистериозен, 22 години работел во „Св. Стефан“, од кои 15 години како шеф на кујна, а со 23 години станал прв шеф на таков хотел во светот.

„Во тоа славно време, ретко кој знаеше дека менаџментот беше составен само од експерти – Црногорци, со 50 домашни готвачи, слаткари и келнери од поранешна Југославија. Во нашите редови немаше странци, како што се претпоставуваше. Сега сите работат во најубавите хотели низ светот. Низ полуостровот постоеја над 80 вида собна послуга, а гостите можеа да јадат и во ексклузивниот ресторан кога сакаа да се дружат со останатите гости. Магијата на „Св. Стефан“ беше и тоа што улиците на полуостровот беа дворови, а ходниците – фоајеа“, вели Митровиќ.

Славниот готвач не сакаше да открие кои славни личности од поранешна Југославија уживале во тоа златно време на „Св. Стефан“. Вели, тоа е сè уште табу-тема, а и онака светските ѕвезди се поинтересни и го прават елитниот хотел гламурозен.

„Сите тие беа нормални личности. Немаа посебни барања, зашто постоечкиот луксуз беше доволен. Немавме ограничено време за приготвување, како што е сега. Сè се подготвуваше полека и со ќеф, а гостите уживаа во храната по пет часа. Знам дека Софија Лорен го обожаваше апартманот 118, а Ричард Бартон од снимањето на филмот ‘Сутјеска’ со хеликоптер го враќаа на „Св. Стефан“. Еднаш го посети и сопругата, славната актерка Елизабет Тејлор и му беа гости на југословенскиот претседател Тито. Беа преубава двојка“, ни евоцираше спомени Митровиќ, кој со Тито и неговата сопруга Јованка биле пријатели и со нив го пропатувал целиот свет.

 

Свети Стефан сега е „Аман Свети Стефан ер“

 

Свети Стефан, сега „Аман Свети Стефан ер“, се наоѓа на околу 6 километри југоисточно од Будва. Комплексот го опфаќа полуостровот Свети Стефан и дел од копното каде што е сместена вилата „Милочер“. Свети Стефан се наоѓа на Јадранското Море и има крајбрежна линија долга 2 километри. Хотелот со 5 ѕвезди е дел од меѓународната групација „Аман рисорт“, беше завршен во 2009 година и има 30-годишен закуп за работа. Порано бил остров, а сега е поврзан со копното преку тесен премин.

Градот бил разрушен за време на четвртата Отоманско-венецијанска војна, а повторно бил изграден во 16. век. Сите објекти биле заземени од владата на бивша Југославија и претворени во луксузен хотел. Една од црквите што припаѓала на манастирот „Прасквица“ била претворена во казино.

Околу четириесет години местото било во сопственост на семејството Раденовиќ, до 80-тите, кога и го посетиле голем број познати личности. Свети Стефан исто така било место каде што се одржувале и политички конференции, како и шаховски натпревари кои привлекувале врвни играчи, како Борис Спаски и Боби Фишер. По распадот на Југославија во 90-тите, и одморалиштето пропадна. Владата на Црна Гора предложи да го врати шармот на овој полуостров со тоа што организираше меѓународно наддавање за проект за обновување.

Договорот беше склучен со „Аман рисортс“ во 2007 година. Одморалиштето што беше реновирано во 2009 година го задржа стариот надворешен светски шарм со градби што ги задоволуваат современите модерни стандарди. На 13 јули 2010 година, на Денот на државноста на Црна Гора, италијанскиот тенор Андреа Бочели одржа концерт за да го одбележи златниот јубилеј на хотелот. Тенисерот Новак Ѓоковиќ се венча со Јелена Ристиќ на Свети Стефан во јули 2014 година.

 

Базен со поглед на море

 

„Аман Свети Стефан“ има 58 гостински соби, викендички и апартмани, како и 8 апартмани што се дел од вилата „Милочер“, некогаш летна резиденција на кралицата Марија Караѓорѓевиќ. Ова се поголеми апартмани со балкони како на Јулија, од „Ромео и Јулија“, и опремени се со ролетни во крем и кафеава боја, со кожен мебел, свила и волнени килими. Сите други соби се исто така елегантно уредени и имаат поглед на морето. Се вели дека сите соби, викендички и апартмани на полуостровот се различни, но го задржуваат амбиентот на историското село со тоа што се зачувани оригиналните ѕидови и имаат традиционални врати и прозори. Бањите во апартманите имаат одделни кади, паркет и стари камени подови. Базенот има поглед кон морето, а терасата е направена на јужната страна од полуостровот.

 

Плажата на Свети Стефан – меѓу најубавите во Европа

 

Меѓу 30. најубави плажи во Европа е и плажата на Свети Стефан, која се најде меѓу плажите на Закинтос, Сицилија, Португалија и Шпанија.

– Фасцинантна песочна плажа со поглед на полуостровот Свети Стефан. Половина плажа е резервирана за гостите од овој хотел, а другата половина е бесплатна. Поминете го денот сончајќи се, нурнете се во длабокото море и восхитувајте се на планинските венци околу вас – пишува во текстот на „Ивнинг стандард“.

Но, ако сакате да се капете на Кралевата плажа, односно десниот дел на плажата на Св. Стефан, ќе ве дочека изненадување бидејќи изнајмувањето на две лежалки и чадор за сонце чини 120 евра.

Лејла Сабит