Сведокот Кираца Трајковска не верува дека Палчо ја убил Вања
Денешното рочиште од судењето на обвинетите за убиството на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска донесе повеќе прашања отколку што фрли дополнително светло врз тоа како се случиле грозоморните убиства, кој ги организирал грабнувањата и кој бил убиецот.
Сведочеше и поранешната заменик-директорка на „Фершпед“, Кираца Трајковска. Таа и нејзиниот син Гоце биле кумски поврзани со семејството Ѓорчевски. Врската меѓу двете семејства е старо кумство. Трајковска е поврзана и со главниот обвинет, Љупчо Палевски, кој бил зет за нејзина втора братучетка. Во „Фершпед“ работел и Александар, таткото на Вања.
Одговарајќи на прашањата на обвинителката, Трајковска за исчезнувањето на Вања рече дека дознала од Фејсбук. Веднаш го известила синот Гоце Трајковски, кој требаше да сведочи денеска, но не дојде во судот затоа што добил паничен напад.
Таа вечерта на 27 ноември им се јавила на родителите на Вања. Им предложила синот Гоце да дојде да им помогне во потрагата по малата кума Вања.
Ги споила Гоце и Александар, зашто тие не биле во редовна комуникација како нивните родители.
Гоце барал по кафулиња, влегол во распаднати куќи. Одел по куќи и по згради, гледал камери каде имало. Земале снимки, потоа ги гледале. Кираца Трајковска во тоа време била во Белград, кај ќерката.
„Тој забележал дека девојчето се губи во зградата. На аголот имало некои 10 метри кои камерите не ги покриваат. Но, никаде Вања не ја виделе пешки”, сведочеше таа.
Трајковска рече дека нејзината интуиција ја навела да мисли дека ,,цитроенот” е сомнителен и го поврзала со исчезнатиот велешанец, но не можеше да каже како точно дошла до таков заклучок.
Рече, дека кога ,,цитроенот“ им станал сомнителен, бидејќи поминал во близина на зградата, го поврзале возилото со Панче Жежовски, за кој слушнала дека е исчезнат, па помислиле тој ја грабнал Вања.
„Гоце ми прати скриншот од возилото. Од мои роднини од Велес барав информации и баравме снимки и еден роднина ни даде, а Гоце ги предаде во полиција“, речеше Трајковска.
Според она што таа го кажуваше, би требало да се заклучи дека Трајковска и нејзиниот син биле тие што ги нашле најважните снимки и кои ги поврзале исчезнувањата на Панче и на Вања, место МВР и Обвинителството.
Кираца Трајковска на одговор на прашањето на обвинетиот Љупчо Палевски рече дека не верува оти тој ја убил Вања.