„Сваровски судството“ се враќа, вели СДСМ


 

Главната опозициска партија вели дека изборот на Данка Ристова, сопруга на градоначалникот на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ, за член на Судскиот совет бил потврда за сѐ што тие зборувале изминатите месеци.

„Јасна е намерата на оваа власт – комплетна партизација и враќање на ‘Сваровски судството’, кое ќе биде продолжена рака на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, вели СДСМ.

Партијата во соопштението нагласува дека ова не бил изолиран случај, туку јасна стратегија на Мицкоски и неговата партија да ја уништат независноста на судството.

„Како што беше во времето на Груевски, така и денес, ВМРО-ДПМНЕ сака судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви. Се враќа мракот од минатото, кога правдата беше заглушена, а граѓаните беа сведоци на најгрубото кршење на владеењето на правото.

Наместо да обезбедат правда и реформи, ВМРО-ДПМНЕ го враќа судството во своите раце – создавајќи партиска институција која ќе биде обвинител, судија и егзекутор.

Ова е момент кога сите заедно мора да покажеме дека правдата не смее да биде злоупотребена, дека судството не смее да биде алатка во рацете на ниту една политичка партија“, велат од СДСМ.