Сузбиен меѓународен канал за шверц на дрога, запленети 188,6 килограми марихуана
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/zapleneta-droga-marihuana-carina-1.jpg)
Запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана во заедничка акција на Царинска управа и Бирото за јавна безбедност. Со акцијата е спречен меѓународен канал за шверц на дрога. Две лица се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Ова го истакнаа директорот на Царинска управа, Бобан Николовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев во изјава за медиуми на граничен премин Богородица.
„Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничен премин Богородица се запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Случајот го следиме подолго време, што на крај успешно резултираше со откривање на криминалната мрежа која требало да оперира низ неколку држави”, истакна Николовски.
Сторителите на кривичното дело, двајца возачи, едниот од Тетово, а другиот од Кумановско на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари со истиот камион едниот од нив го презема камионот и од место меѓу Куманово и Паланка оди кон Богородица. На Богородица е извршена детална контрола на камионот при што помеѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата, информира Николовски на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев порача дека криминалното мочуриште во државата повеќе нема да го има.
„Во заедничка акција која траеше неколку дена покажува дека заеднички можеме во интерес на граѓаните. Криминалното мочуриште што го имаме во државата повеќе нема да го има. Ова не е место за нив. Заеднички координирано со Царинска управа координирано работиме во неколку области. Мора да бидеме координирани. Заедно покажуваме дека можеме да работиме силно и успешно за заеднички успеси и превенција на криминалот. Нема место за криминал. Македонија мора да биде на ниво на напредните држави. Системот и законите мора да владеат. Го сузбиваме криминалот и корупцијата на сите нивоа”, истакна директорот Јанев.
Случајот како што беше истакнато од страна на директорите е резултат на зајакнатата соработка и добро координирани акции на царинските и полициските службеници.