Искршени заби и други сериозни повреди: Група од околу 15 малолетници со метал претепале 13-годишник во Влае
13-годишно дете било претепано од група малолетници во скопската населба Влае, објави порталот „Скопје1“.
Според информациите до кои дошол порталот, во нападот учествувале околу 15 малолетници, а детето се здобило со сериозни повреди, меѓу кои и искршени заби.
Во настанот, според сведоштва за „Скопје1“, детето било тепано со метал.
Нападот се случил во саботата на плоштадот „Делфина“, околу 00:30 часот, а истиот ден во 15:30 часот случајот во полиција го пријавила мајката на нападнатото дете.
„На 18.10.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје 39-годишна жена пријави дека околу 00:30 часот на подрачјето на Влае нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од група малолетници од кои некои од нив ги познавал, а бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, навеле од МВР за „Скопје1“.
Порталот во објавата посочува дека плицијата го потврдува нападот и употребата на тврд предмет, но во официјалниот одговор не го навела точниот број напаѓачи, ниту степенот на повредите, притоа додавајќи дека според неофицијални информации од МВР, веќе дел од децата кои се сомничат дека го сториле насилството биле повикани во станица.