Кривична пријава против поранешен генерален директор на „Поштата“ за злоупотреба на службена положба и овластување


Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против лицето Ј.М., поранешен генерален директор на АД „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост и претседател на Управниот одбор, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл.353 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија.

Како што соопшти Финансиска полиција, во периодот од 2021 до 2022 година, пријавениот, постапувајќи спротивно на Статутот на друштвото и Законот за трговските друштва, не презел дејствија за реализација на одлуки и заклучоци на Управниот одбор за исплата на парични обврски кон два правни субјекта во вкупен износ од 19.292.984,00 денари.

-И покрај тоа што му биле доставени потребните документи за исплата, пријавениот не ја потпишал спогодбата за исплата на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање. Со ваквото постапување овозможил против друштвото да бидат поведени судски постапки, по што со судски пресуди биле утврдени обврски за плаќање казнена камата – наведуваат од Финансиска полиција.

На овој начин, на АД „Пошта на Северна Македонија“ и била предизвикана вкупна штета од 10.968.483,00 денари по основ на казнена камата.