Сугарески: Се остваруваат историски најголеми инвестиции во инфраструктурата


Илустрација

Министерот за транспорт Горан Сугарески изјави дека во овој момент Владата ги реализира историски најголемите инвестиции во инфраструктурата.

„Се гради насекаде како никогаш досега. Во таа насока, досега изградивме и рехабилитиравме преку 500 километри патишта, инвестиции со вкупна вредност од околу 540 милиони евра. Го завршивме автопатот Миладиновци – Штип кој како голем товар го наследивме од ВМРО-ДПМНЕ заради многубројните грешки и недостатоци во изградбата. Но бевме решени дека автопатот мора да се заврши со сите безбедносни аспекти за сообраќај. Впрочем, граѓаните имаат право да знаат како им се трошат нивните пари. Ги решивме и сите недоследности и пропусти што ги наследивме од ВМРО-ДПМНЕ и го пуштивме во сообраќај и автопат од Демир Капија до Смоквица. Додека ВМРО-ДПМНЕ парите на граѓаните ги трошеше на барок и споменици, ние ги вложуваме во вистински развој на инфраструктурата. Рехабилитиравме и реконструиравме преку 80 магистрални и регионални патишта со вкупна инвестиција од преку 400 милиони евра.

Саниравме и реконструиравме мостови на државните патишта, поставивме нова сообраќајна сигнализација на најголем дел од патната мрежа во земјава. Ги модернизиравме наплатните станици на Коридор 10, воведовме електронска наплата на патарините, а го изградивме и најмодерниот центар за контрола и мониторинг на патиштата. Инвестициите во патиштата не запираат“, соопшти Сугаревски.

Според него, Владата на СДСМ во овој момент инвестира преку 850 милиони евра во проекти во патната инфраструктура.

– Во тек е изградба на автопатот Кичево-Охрид, за кој морам да истакнам дека се направија сите максимални напори за да може да се доизгради. Добро знаете дека ВМРО-ДПМНЕ направи пустош со овој автопат. Започнавме со изградба на 4 експресни патишта во вредност од преку 170 километри и тоа: Градско-Дреново, Штип-Радовиш, Штип-Кочани, Ранковце -Крива Паланка. Исто така, интензивно работиме и на проектирање за изградба на експресен пат од Битола до Меџитлија, од Струмица до Гевгелија, како и за проширување на патот од Прилеп до Битола. Започната е постапката за изградба на автопат од Скопје до Блаце, како и од Гостивар до Кичево, инвестиции кои ќе надминат неколку стотини милиони евра. Интензивно се работи и на преку 350 километри или околу 40 регионални патишта во изградба, рехабилитација и реконструкција, како и десетина мостови и свлечишта. Би спомнал само некои од нив: Рехабилитација на регионален пат Тетово – Попова Шапка, рехабилитација на магистрален пат Струмица – Ново Село, Кавадарци – Росоман, Штип – Радовиш, Непроштено – Пршовце, Куманово – Свети Николе и до Никуштак, Пробиштип – Крупиште…“, соопшти Сугарески.