Судското тефтерче пак проработе во ВМРО-ДПМНЕ, тврди Левица


 

И опозициската Левица остро реагира на изборот на сопругата на градоначалникот на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за член на Судскиот совет.

„Коалицијата ДПМНЕ-‘Вреди’-ЗНАМ за нов член на критикуваниот Судски совет скандалозно ја инсталира сопругата на градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, кој доаѓа токму од ДПМНЕ. Данка Ристова е избрана за член на Судскиот совет на местото на Лорета Ѓорѓиева од Струмица, за која во јавноста гласно се говореше дека е од ‘тефтерчето’ на Заев, со што фамозното ‘тефтерче’ за избор на подобни партиски судии, повторно премина во рацете на ДПМНЕ!
 
Со ваквиот избор се потврдија укажувањата на Левица, дека бизнис – елитите на криминалните политички партии, ДПМНЕ, СДС, ДУИ и нивните деривати, изминативе години константно го партизираат судството со избор на свои подобни партиски судии. Оваа одлука го демонстрира истиот шаблон на поставување партиски кадри во клучните правосудни тела, а со цел цементирање на политичката контрола и обезбедување на комоција во криминалното владеење.
 
Овој избор доаѓа во време кога премиерот Мицкоски најавуваше сериозни реформи, дури и распуштање на Судскиот совет поради неговото катастрофално работење. Очигледно, Мицкоски ќе продолжи да го зајакнува системот што го критикуваше“, велат од Левица.