Судскиот совет постапува за тројца врховни судии во врска со притворот на Кочан


Претседателот на Судскиот совет Киро Здравев одговарајќи на новинарско прашање во врска со постапките за тројцата врховни судии, кои заедно надгласаа двајца колеги во кривичниот совет на Врховниот суд со што му го укинаа притворот на тогаш избеганиот Сеад Кочан во врска со предметот на СЈО, рече дека тие се во тек.

-Тие постапки се во фаза на расправа, а некаде сум информиран дека е потребно да се изработи и извештај од комисиите врз основа на претходно спроведената расправа, рече Здравев пред денешната седница на СС.

Додаде дека уште на почетокот кога бил избран за претседател на Судскиот совет кажал дека постапките по сите предмети кои претходно се оформени пред Советот ќе продолжат.

Здравев рече дека денеска ќе се расправа за три нови барања за судии и за нив потребно е да формираат комисии.

– По однос на постоечките барања со оглед на тоа што на одредени членови на СС им престана мандатот ние котиравме нови членови кои продолжуваат со работа по барањата за утврдување на одговорност на судиите, рече Здравев.

Посочи дека се работи за тројца судии, и од аспект на заштита на личноста и интегритетот на судиите не може по сила на законот да каже прецизно за кои судии се работи.

-Како претседател немам ингеренции да преземам било какво дејствие од причини што согласно Законот за судовите се формирани комисии, кои се надлежни да ја водат расправата. Сите постапки се во тек. Се работи по сите постапки независно дали е во прашање Киро Здравев, Јово Вангеловски или било кој судија. По сите предмети се постапува и се земени во работа…., додаде Здравев.

На новинарско прашање тој одговори дека не постојат законски пречки да се одржува расправа без присуство на судија за кој е поднесено барање за утврдување одговорност и е уредно поканет, а својот изостанок на расправата не го оправда.

–  Немам намера ниту како судија, а уште помалку како претседател на Судскиот совет да штитам некој судија од било какви причини. Во прашање е објективноста и непристрасноста, не само на судиите, туку и на било кои членови и на претседателот на СС во сите предмети, рече Здравев.

Судскиот совет на денешната седница ќе одлучува и за осомничениот судија од Управниот суд, Мустафа Шаини за кого се води истрага за злоупотреба со предмети за денационализација.

–  Судскиот совет постапува во рамки на неговата надлежност утврдена со Законот за судовите. Значи тој одлучува за одземање на имунитетот на судијата и дава согласност за притворање. Судскиот совет не определува притвор, нема таква надлежност, ниту согласно Уставот, ниту согласно Законот за судовите и Законот за судски совет, вели Здравев.