Судскиот совет ќе го разрешува Панчевски?


Судијата и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски со чие име беше врзана аферата за АКМИС системот во Кривичниот суд, односно доделувањето на судски предмети на подобни судии, се најде пред членовите на Судскиот совет. Барањето за утврдување на одговорност на Панчевски ја поднел член на Судскиот совет.

Според процедурата, Судскиот совет формира комисија на известители за утврдување на одговорност, која треба да прибере докази. Панчевски е вклучен и во предистрагата за АКМИСОТ која ја води скопското обвинителство, но за овој случај уште не е отворена истрага. Освен за Панчевски, на седницата, Судскиот совет донесе одлука да биде разрешен еден судија, а за еден судија е запрена постапката.

Постапката за утврдување на одговорност на претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски е во тек. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев вели дека се презмаат конкретни дејствија и дека кога комисијата којашто работи на изработка на извештајот ќе оцени дека може да даде извештај, Судскиот совет ќе расправа за барањето за утврдување на одговорност на судијата.

Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи вчера директно побара разрешување на Вангеловски.

„Ако веќе правиме некакови смени, мислам дека треба да се почне со смени во некои други институции, како на пример Врховниот суд, кој во неколку извештаи е наведен како кочничар на правдата. Не може СЈО да направи толку добро за владеење на правото, колку што лошо може да направи претседателот на Врховниот суд“, рече Фетаи.

Сепак и покрај критиките од Специјалното јавно обвинителство и Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кон судиите, ниту една од овие институции не поднеле барање за утврдување на одговорност на конкретен судија.

„Ние одлучуваме по конкретни барање, неопходно е да се поднесе писмено барање со образложание за конкретен судија. Секој може да поднесе барање за утврдување на одговрност на судија, барањето треба да биде образложено, во него мора да биде наведено име и презиме на судијата, во кој суд работи да се даде опис на повредата, да се даде правниот основ на повредата и по поднесеното барање Советот формира комисија којашто го цени барањето од аспект на навременост и дозволеност.  Такво барање може да поднесе и член на Судскиот совет, ако дојде по допрен глас и се соберат докази“, обајснува Здравев.

На министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му порача дека Советот ја следи работата на секој судија.(Ф.Ф.С.)