Судска реформа во Грција: од пријава до правосилна пресуда 500 дена

Вицепремиерката Славица Грковска во Атина се сретна со грчкиот министер за правда Јоргос Флоридис


 

Грција прави реформа на правосудниот систем за да може судењата од пријава до правосилна одлука да завршат во рок од 500 дена. Тоа е средното време во земјите членки на Европската унија.

Ова денеска ѝ го кажал на вицепремиерката Славица Грковска министерот за правда на Грција Јоргос Флоридис за време на нивната средба во Атина кога разговарале за прашањето на долгите судски процеси. Флоридис информирал дека со цел да се намали бројот на пресуди на Европскиот суд за човекови права се прави оваа реформа. Тие размениле искуства и за начинот на избор на судии и јавни обвинители, како и за механизмите кои овозможуваат на овие позиции да се изберат лица со интегритет, кои нема да подлегнат под никакви влијанија. Тие се осврнале и на значењето на меѓусебната соработка и искуство во делот на правосудниот систем,соопшти прес-службата на Владата.

Грковска го информирала Флоридис дека Европската унија, во рамките на билатералниот скрининг, веќе го објави извештајот за првиот кластер „Фундаментални вредности“, каде се дефинирани реформите кои нашата држава треба да ги преземе во наредниот период, а кои се однесуваат на владеењето на правото, реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, зајакнување на функционирањето на демократските институции и реформата во јавната администрација.