Судот одлучува дали Мерко незаконски поставувал директори на основни училишта


Во две одвоени судски рочишта во Основниот суд во Струга денеска продолжи сослушувањето на сведоците во судскиот процес против градоначалникот Рамис Мерко за незаконско поставување директори во четири основни училишта во Општина Струга.

Во еден предмет споени се обвиненијата за училиштата во Лабуништа, Радолишта Подгорци и „Браќа Миладиновци“ во Струга, додека за училиштето во Велешта се води одвоен предмет каде четири лица се обвинети за злоупотреба на службата и фалсификување.

 

Поранешниот министер за образование и наука Јетон Шакири кажа дека ингеренции за именување и назначување на директори во основните училишта има основачот на училиштето, во случајот Општина Струга и оти кај него не бил доставен предмет за одземање ингеренции. Нагласи и дека до него не стигнале извештаи од просветниот инспекторат.

– Во конкретниов случај кога бев министер за образование и наука, тоа може да се потвди и од Секторот за основни и правни работи не е доставен кај мене целосен извештај, поради тоа што во комплетирање на документација или нешто недостасувало или не е доставено од страна на локалните самоуправи, просветниот инспекторат или училиштата, но во истите училишта после одреден период има нови директори, после 6 месеци, една година, изјави Шакири.

Причината за тоа не ја знаеше, но посочи дека секторите работат со комплетна документација. Според Шакири, и во други училишта во државата имало слични случаи со поставување директори кои не исполнуваат соодветни услови, а судски епилог имало за училиште од Вевчани.

Советникот за буџетска распределба при Општина Струга Абидин Нуроски, во својство на сведок ја појасни постапката за плата во образованието нагласувајќи дека секое училиште мора да има директор за да може да ја одобри и исплати платата за сите вработени.

За бранителот на Мерко, Игор Петковски, сведокот Шакири јасно и недвосмислено кажал оти на Општината никогаш не ѝ биле одземени ингеренциите во делот на образованието додека тој бил министер, со што, според него, се потврдува тезата на одбраната дека немало никакви неправилности при именувањето на директорите во основните училишта во Општина Струга.

Во предметот за Егзона Шеј, која покрај што се тврди дека незаконски е поставена за директор на основното училиште „Зини Хани“ во Велешта, се товари и за фалсификување дипломи.

Сведокот за овој случај, Ваит Жута, кој бил директор во периодот кога Егзона Шеј е вработена во училиштето, кажа дека таа била вработена како апсолвент на Филолошкиот факултет поради немањето соодветен кадар.

Судијата Јордан Јованов го отфрли барањето на одбраната за сослушување 117 сведоци за тој случај, со образложение дека не е во економичност на постапката, но по приговор на одбраната дозволи само да биде сослушан претседателот на училишниот одбор Урим Каба.

– Само тој предлог ќе се прифати, бидејќи се спомнуваше училишниот одбор како релевантен во контектс на постапката. Само тој сведок ќе го сослушаме, а во останатиот дел решението си е во сила. Сметам дека е преобемна листа на докази и дека можеме да се задржиме на овие кои веќе ги изведовме за да можеме да донесеме конечна одлука по предметот, изјави Јованов.

 

Не можеше да прецизира кога би имало судска разрешница за случаите, нагласувајќи дека Судот ќе ги ислуша сите искази, вклучително и на обвинетите, а потоа ќе донесе одлука.

– Судската пресуда за колку време би била не можам да кажам се зависи од натаможниот тек на постапката, но со ова веќе го кратиме тој период и се надеваме дека ќе дојде побрзо, додаде Јованов.

Во Основниот суд во Струга денеска има закажани рочишта за уште два предмети против Рамис Мерко – за спомен плочата поставена на Општинската зграда и набавката на службениот автомобил „ауди“.

За предметот со аудито судијата Јованов кажа дека поради промената на судечки судија, ќе почне од почеток.

– Со оглед дека колешката замина, сите предмети и тие кои беа нејзини доаѓаат кај мене и кога се променува судечкиот судија предметите почнуваат одново. Предметот за аудито почнува одново, таму треба најпрво да се одлучува за докази, има листа на докази, имаше некои спорни околности кои треба да се разрешат, но тоа ќе го видиме дирекно на самата расправа, појасни судијата.

Во однос на предметот за поставувањето на плоча на општинската зграда денеска треба да почне главната расправа.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко е на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави (САД) поради вмешаност во корупција. Против него има поднесено повеќе обвиненија за несовесно работење во службата.