Судот му го замрзнал имотот на Трифун Костовски

Фото: Б. Грданоски

Трифун Костовски, еден од сопствениците на Еуростандард банка која е во стечај, објави во колумна дека Кривичниот суд му го блокирал имотот.

„Почитувани, со завршување на предистражната постапка, мојот личен имот ми е комплетно блокиран. Говорам за имот кој е стекнат пред повеќе од 35 години, ама ако е во интерес на правдата и вистината, немам ништо против“, пишува во колумна објавена на порталот „Либертас“.

Костовски вели дека не се работи за мали пари, туку се работи за големи пари.

„Се работи за повеќе од 100 милиони евра – маса во која се наоѓаат парите на коминтентите на Еуростандард банка и парите кои ние како акционери ги инвестиравме во банката“, вели Костовски.

Блокадата е на барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Замрзнати биле хартии од вредност, сметки и недвижен имот на негово име како и на членови на неговото најтесно семејство.

Отворена е предистражна постапка за четири лица, но обвинителството не споделува детали оти во овој дел постапката била тајна.

„Сега посегнаа да ми го блокираат имотот, бидејќи тоа е можноста да ја водам натамошната битка за вистината. Да појаснам што тоа значи: имам имот, не смеам да го отуѓам, а сакам да го отуѓам бидејќи ми се потребни финансиски средства за водење на оваа војна. Што уште остана да ми земат? Мојот живот? Им го нудам на тацна“, пишува Костовски во колумна за „Либертас“.

 

0