Судот ги ослободи Латас и Лазаров за поткастот во кој зборуваа за силување и се смееја
Кривичниот суд Скопје ги ослободи Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, во чиј поткаст гостинот раскажуваше за злоставување и силување девојка, објави порталот „СДК“. Првично, двајцата добија осудителна пресуда во Кривичниот суд Скопје, но по поднесените жалби, судии од кривичниот оддел на Апелацискиот суд Скопје ја укинаа пресудата и ја вратија на повторно судење. Во контроверзниот разговор Павловиќ-Латас и Стефан Лазаров се смееја на насилството. Поткастот беше емитуван на 14 февруари 2023 година.
Од Судот за „СДК“ потврдија дека во повтореното судење, судијката Дијана Груевска-Илиевска донела ослободителна пресуда. Двајцата се ослободени согласно член 403, став 1, точка 1 од Законот за кривична постапка. Според наведениот член, делото за кое се обвинети не е кривично дело.
Обвинителот Даниел Коцев ќе поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје пред надлежниот суд поднесе обвинителен предлог против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров за кривично дело Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г, став 1, во врска со член 22 од Кривичниот законик. Двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство врз жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност кај јавноста.
Беа изречени и мерки за обезбедување присуство на обвинетите. Истиот овој суд што сега донесе ослободителна пресуда, претходно му го одзеде пасошот на Латас.
Граѓанските организации за заштита на човековите права остро го осудија интервјуто емитувано на Јутјуб-каналот на Лазаров како поттикнување на кривичното дело Родово базирано насилство и ги повикаа компаниите што се рекламираат во подкастот на Лазаров да ги повлечат рекламите поради содржините во кои се одобрува и се повикува на насилство.
По повод интервјуто, Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија го осудија говорот со кој се поттикнува насилство и се стимулира родова дискриминација.
Од СДСМ реагираа дека „преземањето целосна контрола врз судството и обвинителството и поставувањето луѓе на Мицкоски ги дава резултатите. Наместо неговото понижувачко, омаловажувачко и деградирачко третирање на жената, јавно, во поткаст, да биде санкционирано, Латас е ослободен. Токму во период после трагичниот настан во Карпош како последица на семејно насилство и бројни институционални пропусти“.