Судот ѝ пресуди на шпанската влада: Здравствените работници се во право


Суд во покраината Арагон, на истокот на Шпанија, ја осуди регионалната влада затоа што на лекарите не им обезбедила заштитни материјали за лекување на заболените од корона вирусот.
Како што јавуваат шпанските медиуми, тоа е прва ваква пресуда во Шпанија, една од земјите најпогодена од епидемијата.
Во Шпанија во последните три месеци повеќе од 50.000 здравствени работници беа заразени од корона вирусот.
Во судската пресуда се наведува дека владата на Арагон го загрозила здравјето и животот на здравствените работници и наредено ѝ е да ги опреми сите јавни и приватни здравствени установи со потребната опрема.
Пресудата во која не се зборува за обештетување или други казни за одговорните, донесена е откако синдикатот покрена тужба. Владата на Арагон на судењето тврдеше дека за недостаток на заштитна опрема одговорна е владата во Мадрид, но судијата беше  на мислење дека одговорноста е кај автономните власти на покраината.
Во Шпанија  заразени се 240.660 лица, а се излечија 150.400. Починаа повеќе од 60 лекари и медицински сестри.