Судијата Осман Кадриу предложил расправа за распуштањето на Собранието


Претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, во интервју за МИА најавува дека утре, по завршувањето на седницата, на работен состанок ќе се расправа по предлогот на судијата Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието.

Мурати вели дека по однос на Одлуката за распуштање на Собранието („Службен весник“), во моментот нема оформен предмет за оценување на нејзината уставност и законитост, но понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на утрешниот работен состанок.

Судот, претходно во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука. Но, минатиот четврток (30 април), од страна на судијата Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на истата одлука, поради што за утре е закажан работен состанок на судиите.

Ако судиите одлучат да се поведе постапка по службена должност, ќе биде оформен посебен предмет кој ќе биде доделен во работа на судија-известител и државен советник, кои по завршувањето на претходната постапка, треба да достават работен материјал за седница (реферат) со содржан предлог за одлучување што ќе биде разгледан на седница на Судот.

Секако, истакнува претседателот на Уставниот суд, тоа е хипотетички не значи однапред прејудицирање на таква одлука, која треба да биде донесена по претходна расправа за ова прашање.

Пред уставните судии утре треба да се најде и одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.

На прашањето за оспорената владина уредба за намалување на платите на функционерите што предизвика реакции во јавноста, Мурати вели:

„Мојот став по однос на оваа уредба го изнесов на седницата на Судот кога таа беше разгледувана и беше одлучено да се поведе постапка за оценување нејзината уставност и законитост. Оваа постапка е во тек и сѐ уште нема донесено конечна одлука како што се наведува во Вашето прашање.

Притоа, морам да констатирам дека во јавноста беа пренесени невистинити наводи за моето излагање по однос на оваа точка од дневниот ред.

Исто така, сакам да посочам дека со оваа одлука, Судот не е против солидарноста во борбата против корона вирусот, туку едногласен став на Судот е дека уредбите со законска сила како што е оваа, мора да бидат во согласност со Уставот и со законите.

Никој од судиите не ја оспори или е против легитимната цел – обезбедување средства за борбата со пандемијата, туку е спорен начинот на кој тоа е сторено – преку норми за чија неуставност и незаконитост постои основано сомнение.

Што се однесува до донирањето средства пред некој ден на прашање од еден од медиумите одговорив дека јас лично ќе донирам 20 проценти од мојата нето плата за месец април и дадов предлог до другите мои колеги, но сепак тоа е лична одлука“, нагласува Мурати. (МИА)