Судењето за убиствата на Вања и Панче се заплеткува. Се менуваат изјави. Каде бил Палевски?

Обвинетиот Влатко Кешишов ја промени првичната изјава. Сега тврди дека Палевски не бил со нив кога се случиле убиствата


Влатко Кешишов за време на судењето (Фото: Б. Грданоски)

 

Денешната писмена изјава на Влатко Кешишов, еден од обвинетите за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, може да го сврти наопаку целиот „процес на деценијата“. Кешишов преку затворот неочекувано достави изјава до судот со која го менува првичното тврдење дека Љупчо Палевски е извршител на убиствата.

Кешишев во изјавата навел дека обвинетиот Велибор Манев им вршел притисок да кажат дека Палевски е организатор и дека тој пукал во двете жртви. Манев, наводно, им се заканил нему и на Боре Видевски дека ќе настрадаат ако не кажат така.

Во изјавата напишана на 18 ноември 2024 година, Кешишев навел дека Палевски на 22 и на 27 ноември 2023 година не бил со тројцата во Велес и во Скопје, туку дека спиел во штабот. Кешишев навел дека згрешил што го послушал Велибор и дека кажал невистина дека Палчо бил со нив.

Во изјавата Кешишев не навел ништо за мотивите на двете убиства, ниту за тој кој пукал во Вања и во Панче.

Кешишев е човекот кој на полицијата ѝ откри каде е закопана Вања.

На крајот од денешното рочиште на кое сведочеа тројца сведоци, судијата ја подели писмената изјава на Кешишев на адвокатите на сите обвинети. За оваа изјава не беше запознаен ниту адвокатот на Кешишев.

Оваа изјава ќе може да се расчисти кога сите обвинети ќе се соочат еден со друг во текот на судењето.

Меѓу денешните сведоци беше и Стефан Димковски, основач на партијата Десна, кој од Србија преку Бугарија, со автомобил го одвезе Палевски во Турција.

„На први декември Палевски ми се јави на Телеграм. Јас ги однесов децата во градинка и отидов на сервис да ги менувам гумите. Ми се јави и ме праша дали можам да отидам да го земам од Белград. Го прашав што прави, ми рече дека е на преглед и дека завршува некои работи таму. Му кажав дека за еден час би тргнал. Ми рече да го земам од Србија, да го вратам назад во Скопје“, рече Димковски.

Кога стигнал воБелград го зел Палевски од еден хотел во центарот на градот. Веднаш тргнале назад кон Скопје. Некаде по пат застанале да ручаат. Но, Палевски го сменил планот. Му кажал, „што ќе дремеме овде да чекаме лет за Истанбул за утре, ако си одморен, префрли ме ме до Истанбул, за 5 часа сме таму“.

Палевски му рекол дека веќе закажал преглед за операција во Истанбул и носел тешки торби со себе.

Кога стигнале во Турција, го однел кај сместувањето во куќа што го нашол претходно. Газдата се викал Усеин, знаел турски и македонски. „Уште бев во хотелот во Турција, се онесвестив кога ја слушнав изјавата на Оливер Спасовски дека Палчо го обвинуваат. Му се јавив, го прашав зошто него го спомнуваат? ‘Ова е тешка местенка против мене’“, му кажал Палевски и тоа било последен пат кога се чуле.